Недостигот на лекари во кумановската болница ќе се решава по изборите

Сподели со своите пријатели

Иако Македонија има над 400 невработени лекари, здравствените институции во Македонија имаат недостиг од медицински персонал и специјалисти.

Меѓу тие институции е и кумановската Општа болница, каде според директорката Снежана Захариева, има над 660 вработени, но сепак недоволно за да се пружат здравствени услуги на над 200.000 граѓани од Куманово и соседните општини, со оглед дека на одредени одделенија има дефицит на специјалисти.

Во моментот имаме околу 75 специјалисти во кумановската болница, за да функционира нормално сметам дека барем уште 50-ина ни се потребни од причина што добар дел од овие специјалисти со кои располага нашата болница се блиску до заминување во пензија. Јас доаѓам од анестезиолошката служба, потребни ни се анестезиолози, потребни се дефектолози, во рендген дијагностика имаме колеги кои се многу блиску до пензија и таму треба да се вработат, имаме само еден специјалист по физикална медицина – изјави Захариева.

Loading...

 

Заменик министерот за здравство Гоце Чакаловски најави дека по завршување на локалните избори, болницата ќе распише конкурс и дека ќе се вработат невработените лекари. Потенцираше дека сите здравствени институции, со исклучок на оние во Скопје, се среќаваат со недостигн на медицински персонал.

Специјалисти многу тешко се прават, дополнителна едукација треба од 4-5 години, дојдовме во состојба кога многу млади лекари ни заминаа во странство. Тој тренд на заминување на младите лекари треба да го спречиме, така што ќе ги вработиме, а потоа ќе им дадеме специјализации и ќе ги мотивираме да останат во Република Македонија, да не одат во странство – изјави Чакаловски.

За жалбите на кумановските пациенти дека и за најмали здравствени интервенции се препраќаат на скопските клиники, Чакаловски вели дека има план како да се надмине проблемот.

Работиме во министерството на програм во кој влезот на пациентите во здравствениот систем ќе биде поинаков, не ќе може пациентите да ги прескокнуваат болниците и директно да одат во Скопје – додаде Чакаловски.

Освен специјалисти, во кумановската болница недостиг има и на медицински сестри, помошен персонал и болничари.