Недеља и сви сте ту!

Сподели со своите пријатели

„Фолк е народ. Турбо е вбризгување на гориво во цилиндарот на моторот со внатрешно согорување. Турбо-фолк заедно е горење на народот. Турбо-фолкот не е музика. Турбо-фолкот е миленик на големите маси на Балканот.  Побудување на најниските страсти кај хомо сапиенсот. Турбо-фолкот е состав на вбризгување на народот. Јас не го измислив турбо-фолкот, јас само му го дадов името.“

Автор на горенаведената изјава е Рамбо Амадеус, автор на терминот и најголемиот критичар на овој стил на музика.

Музика која пред само десетина години во мојот град беше на последното скалило на вредностите или во ранг на секс со овца или во ранг на јавна проституција на булевари во големите метрополи, а сега излезе од ормарот и почна како вирус да се шири во ноќниот живот на младите во нашиот град. Не можам да поверувам со колкава брзина музиката од зачадените селски кафеани се прошири во дискотеките во градот. Она што до вчера беше општествено неприфатливо, полека станува ИН и неизбежно. Демократијата во нашиот град заживеа во најперверзен облик.

Како турбофолкот дојде во градовите? Поради големите миграции од економски причини, луѓето од села преминувале „неподготвени“ да живеат во градови и против својата волја. Поголем дел од луѓето не биле подготвени за живот во градовите и прифаќање на правилата што ги носи градот. Така градот почнува да се приспособува на нив, а не тие на градот. Моите дедовци и баби исто така потекнувале од село, да не бидам погрешно сфатен. Но тие селото го оставиле зад себе, а овие селото го донесоа во градот. И не мислам тука ништо лошо. Јас го сакам селото и таму сум чест гост. Само давам објаснување како го толкувам турбо-фолкот во нашиот град.

„Нека слуша кој што сака“ е аргумент кој е многу тешко да се побие. Турбо-фолкот е комплексен општествен и културолошки феномен кој влегува во многу пори на општественото ткиво и невозможно е со декрет и со естетскиот суд, да биде исфрлен од јавниот простор. За турбо-фолкот се врзува една супкултура која дефинира вулгарност: златни ланци, кратки здолништа и нападна шминка, скапи и невкусни комбинации, ВМW-а и сакоа за излегување кај машкиот дел.

Она што е скоро невозможно да се објасни, е како урбаната млада публика може да се идентификува со текстови од песни како што се: „Ја те волим, ја те обожавам, ја бих с’ тобом да се размножавам“ или  „Мој се драги у ауту воза, а ја јадна у шуми код коза“ или „Хеј момци у плавом, имам лошу вест, позитивна биќу ја на алкотест”.

Секоја музика има своја социоекономска подлога. Рокот е музика која е настаната во индустриските градови како Ливерпул и Сиетл. Техното и хаусот се настанати кога Западот почна да се деиндустријализира. А што се има случено кај нас кога една изворно рурална музика од балканските провинции, доби место во големите градови? Турбо-фолкот е симптом на длабоките пореметувања во нашето општество.

Меѓутоа тоа не е најголемиот проблем. Во турбо-фолкот сè е лажно. Од градите на младите пејачки до музиката во самите песни. Турбо-фолкот е лоша копија на самата копија.

И да се разбереме, јас немам ништо против изворната-народната музика. Мене не ми се допаѓа што исчезнуваат старите и култните клубови и места во нашиот град. Се затвораат. А некогаш беа локомотива на културата и авангардата.

Пишува Емил Ташевски, Дипломиран инжинер по информатика