19.02.2019 17:57

Народната милиција во Куманово и нејзините први акции


Веднаш по ослободувањето на Куманово бил формиран Управен оддел како извршен орган на народната власт од девет лица и Народна милиција во чиј состав имало 200 милиционери.

Милиционерски станици во тоа време имало во Куманово, Крива Паланка и Кратово. Подоцна четирите реони во Куманово во кои имало стационирано милиционерски единици прераснале во станици, а во градот се формирале градски и околиски милиционерски водови, додека во Кратово и Крива Паланка останал по еден вод.

loading...

Во 1945 година се формирала окружната милиција и постоел Окруженбаталјон на Народната милиција. Оваа формација била укината во 1946 година, а се формирала Управа на Народната милиција (УНМ) со станица.

Должноста на УНМ била одржување ред и мир во градот и на граѓаните, гонење на криминалитетот, проституцијата, коцкањето, скитањето, прогонување на балистички банди, четнички и остатоци од други непријателски и квислиншки групации, прибирање оружје заостанато од окупаторот, прогонување на шпекулацијата и недозволена трговија и слично.

Составот на милиционерските чети го сочинувале чесни граѓани, кои уште на окупираната територија биле во групите на Народната милиција, а командниот кадар од редовите на членовите на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ).

Веднаш по своето формирање Народната милиција со успех започнала да ги врши задачите. Таа ги контролирала сите оние кои од другите републики доаѓале во Куманово за да се прикријат и да избегнат казни за неделата што ги вршеле по време на окупацијата во Космет и Србија. Преку 90 такви лица биле фатени и предадени на органите на ОЗНА, што претставувал голем успех за милицијата.

Особен успех Народната милиција имала во откривањето на разни шпекуланти и лица кои се занимавале со недозволена трговија. Преку претреси во домовите на некои граѓани биле откриени скриени стоки, кои ги украле или сокриле со цел да ги продаваат недозволено. Оваа стока била предадена на граѓаните, а шпекулантите биле осудувани на временски казни.

Народната милиција придонела за стабилизација на пазарот во тоа време, што била мошне значајна задача за народната власт.

loading...

Прибирањето оружје и муниција останати од окупацијата бил посебен успех на милицијата. Тогаш на таа задача работеле две специјални екипи. Членовите на истите во Никуљане, Слупчане, Ваксинце, Отља, Грушино и други села откриле голем број оружје кое селаните го криеле во скривници и бункери. Биле пронајдени пушкомитралези, шмајзери, бомби, пушки и друго оружје.

Во Грушино во домовите на селаните биле пронајдено 10 коли оружје и муниција, во Отља повеќе од една кола итн.

Уште потешка задача на милицијата била да се бори против остатоците на четничките и балистички формации, кои кружеле во реоните на селата Дренак, Страцин, Коњух, Буковљане, Длабочица и други.

Во борбата против СУљовата банда, исто така имало успех. Во оваа акција голем успех претставувало што милицијата и припадниците на Народната одбрана живи ги фатиле бандитите Ештреф од Лојане и Дестан од Куманово кои се криеле во Карадак и Копилјача.

loading...

Пишува: Саво Ефремовски – Ковач

Извор: „Наш весник“ број 62 (среда, 13. мај 1964. година)


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со Кумановски Муабети, е строго забрането!

Последни наслови

Facebook Comments