Најмалку 24 американски војници се ранети во бранот напади врз нивните бази во Ирак и Сирија во текот на изминатата недела, вклучително и еден инцидент во кој беа повредени 20 лица, соопштија американските власти.
Администрацијата на Бајден ги криела тие детали со денови, признавајќи само дека припадниците на војската на Блискиот Исток се изложени на зголемен ризик додека Израел се подготвува да започне копнена офанзива против Хамас во Појасот Газа, пишува Вашингтон пост.
Хамас има долготрајни односи со Иран, кој ги снабдува своите борци со оружје и обука, поттикнувајќи ги стравувањата дека групите ширум регионот кои добиваат слична поддршка од Техеран ќе ги засилат своите напади врз американскиот персонал, објаснува весникот.
Најлошиот ден за американските сили на Блискиот Исток бил 18 октомври.
Во нападот на гарнизонот Ал Танф во југоисточна Сирија, 20 војници претрпеле, како што ги опишаа американските воени претставници „лесни повреди“ кога повеќе беспилотни летала ја гаѓале базата.
Истиот ден, повеќе беспилотни летала биле лансирани против американските и коалициските сили во два одделни напади врз воздухопловната база Ал Асад во западен Ирак, соопштија официјални лица.
Најмалку четири лица се здобиле со „лесни повреди“ и се вратиле на должност, додека хангарот со леталото е уништен.
Во третиот инцидент во денот, американски работник на договор починал од срцев удар кога системот за рано предупредување открил друга можна закана која се приближува до базата.
Следниот ден, на 19 октомври, американските и коалициските сили претрпеле ракетни напади врз три објекти: локацијата за поддршка на мисијата Еуфрат во Сирија, воздухопловната база Ал Асад и Центарот за дипломатска поддршка во Багдад, Ирак, изјавија официјални лица.
Според официјални лица, во тие инциденти немало жртви или оштетувања на инфраструктурата.
Нападите продолжиле и во наредните денови, но засега нема извештаи за жртви или материјална штета.
Портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер, изјави за новинарите дека имало 13 напади во текот на изминатата недела, од кои десет во Ирак и три во Сирија, и вети дека јавноста ќе биде информирана за сè „што е можно поскоро“, пренесува RT Balkan.