Најмалку шест Палестинци се убиени во израелски напад во бегалски камп на северот на Западниот Брег, соопштија рано утринава палестинските власти и хуманитарните организации.
Црвената полумесечина соопшти дека израелско беспилотно летало погодило група Палестинци во бегалскиот камп Нур Шамс во близина на градот Тулкарем.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека шест тела се донесени во болницата Табет Табет, а Црвената полумесечина ги обвини израелските сили за попречување на движењето на амбулантите и транспортот на загинатите и ранетите.
Израелската армија не го коментираше инцидентот.
Насилството се интензивира на Западниот Брег од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври во Појасот Газа.
Оттогаш на Западниот брег се убиени најмалку 310 Палестинци, соопшти Министерството за здравство, кое не прецизира колку од жртвите се цивили, а колку вооружени лица.