Најмалку седум лица загинаа во пожарите во областите Авеиро и Визеу во Португалија, а помош ќе испратат и Шпанија и Мароко, соопшти управата за цивилна заштита.
Властите мобилизираа повеќе од 5.000 пожарникари, а уништени се десетици куќи и илјадници хектари шума, пренесува Ројтерс.
Политичарот Дуарте Коста во вторникот вечерта изјави дека специјализиран тим за одговор при итни случаи од 230 шпански војници ќе биде распореден во централниот кварт Визеу, каде беснеат пожарите.
Мароко испраќа до четири канадери кои треба да пристигнат во Португалија денес, рече Коста.
Шпанија, Италија и Франција веќе испратија по два канадери откако португалската влада побара помош во рамките на механизмот за цивилна заштита на ЕУ во понеделникот.
„Се наоѓаме во стресна ситуација, на границата на нашите можности и затоа бараме помош од европскиот механизам, Шпанија и Мароко“, рече Коста, пренесе Танјуг.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро рече дека владиниот тим ќе го координира обезбедувањето „најитна поддршка“ за оние кои ги загубија своите домови и средства за живот.
Португалската национална гарда во соопштение соопшти дека од саботата уапсила седум лица осомничени за подметнување пожар во областите Леирија, Кастело Бранко, Порто и Брага.