Најмалку 16 лица се ранети во нападите со украински дронови врз регионот Белгород, изјави денес гувернерот на тој регион во југозападна Русија, на границата со Украина.
Меѓу повредените има лекар и болничар, изјави за Телеграм гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков.
Осум повредени лица се хоспитализирани, јавува Хина.
Министерството за одбрана објави дека руската армија уништила 12 беспилотни летала лансирани од Украина во текот на ноќта, од кои три над Белгородската област.
Во соопштението не се наведува колку вкупно дронови биле лансирани од Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин повика на директни преговори со Украина, додека предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите европски сојузници за 30-дневен прекин на огнот го нарече ултиматум.
Зеленски рече дека ќе присуствува на преговорите што ќе се одржат во турскиот град Истанбул доколку таму биде и Путин, и го покани американскиот претседател Доналд Трамп, кој понуди да учествува, да дојде на состанокот.