Најмалку 11 загинати во вчерашниот масивен руски ракетен напад Украина

Сподели со своите пријатели

Најмалку 11 лица загинаа, а 11 се повредени во вчерашните руски напади со ракети и дронови во десетина области на Украина, вклучително и Киев, изјави портпаролот на украинската државна служба за вонредни состојби, Олександр Хорунжи, пренесува АП.

Loading...

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека едно лице загинало во нападот, што е прва жртва во рускиот напад во главниот град по новогодишната ноќ.

Шефот на градската управа на Киев, Сергеј Попко, тврди дека украинските воздухопловни сили собориле 15 руски крстосувачки ракети, пренесе Танјуг.

Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко изјави дека енергетските централи вчера повторно биле мета на руските сили и оти биле погодени некои енергетски објекти, што резултирало со прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Нападот дојде еден ден откако Германија и САД ветија дека ќе испратат тенкови во Украина и ги овластија другите сојузници да го сторат истото.

Американскиот претседател Џозеф Бајден тврди дека одлуката на Вашингтон да испрати тенкови во Украина не е војна против Русија, туку „борба за слобода“.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека тенковите „Леопард 2“, кои Берлин ѝ ги вети на Украина, ќе бидат испорачани пред крајот на март.

Обуката на украинските војници во Германија за употреба на германски оклопни борбени возила на пешадија „мардер“ ќе започне во наредните денови, а за посложените тенкови „леопард 2“ малку подоцна, изјави Писториус, пренесува Бета.

Loading...

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека распоредувањето напредни тенкови во Украина го одразува растечкото учество на Западот во руско-украинскиот конфликт.

„И од европските престолнини и од Вашингтон постојано велат дека испораката на различни видови системи на оружје за Украина, вклучително и тенкови, апсолутно не значи вмешаност на тие земји или на Алијансата (НАТО) во непријателствата во Украина. Ние категорично не се согласуваме со тоа“, рече Песков.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.