Заразените членови на семејството се најчестиот извор на инфекција со коронавирус, велат научниците, кои ги објавија информации за нивната студија во списанието „Сајанс“.
Кинески експерти анализирале податоци од 1.178 пациенти и 15.648 нивни блиски контакти во провинцијата Хунан за да го откријат најчестиот начин на пренесување на инфекцијата. Откриле дека ризикот од заразување со Ковид-19 се зголемува со времетраењето и близината на физичките контакти.
Најретко луѓето се заразувале во медицински установи каде строго се почитувале заштитни мерки. Следни се јавните превози и угостителските објекти. Веројатноста за пренесување на вирусот значително се зголемува при комуникација со широк круг на роднини и е најголема кога живеете со болен член на семејство.
Истражувачите заклучиле дека секој дополнителен ден дома со заразено лице го зголемува ризикот од пренесување на болеста за 10 проценти.
Се истакнува дека во рамки на студијата се проверувани податоците од заразување на различни места и со различен број контакти, но во услови на т.н. „затворање“, кога членовите на семејството беа принудени да поминуваат повеќе време заедно поради самоизолација.
Сања Костовска