Најбогатиот Украинец Ринат Ахметов објави дека целосно ѝ ја отстапува својата медиумска империја на државата, во согласност со законот за сузбивање на прекумерното влијание на „олигарсите“ врз економијата.
Во синоќешната изјава за Ројтерс, Ахметов изјави дека украинската медиумска групација ќе и ги предаде на државата лиценците за своите телевизиски канали и печатени медиуми, како и дека ја суспендира работата на онлајн медиумите.
– Неволно донесов одлука мојата инвестициска компанија СЦМ да излезе од медиумскиот бизнис – рече Ахметов, наведувајќи го гореспоменатиот закон како причина.
– Како најголем приватен инвеститор во украинската економија, секогаш сум велел дека никогаш не сум бил, ниту ќе бидам олигарх – изјави тој.
Ахметов објасни дека неговата компанија не можела да продава медиуми по пазарни услови поради војната во Украина и рокот од шест месеци предвиден со законот за „потиснување на заканите по националната безбедност поради прекумерното влијание на олигарсите“ што беше донесен во септември.
Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак оцени дека законот претставува „нова страница во односите меѓу државата и бизнисот“ и ја поздрави одлуката на Ахметов како добар пример.
Ројтерс потсетува дека во месеците пред руската инвазија, телевизиските канали на Ахметов беа сè покритични кон претседателот Володимир Зеленски и дека бизнисменот влезе во конфликт со владата поради предложените закони.
Во ноември, Зеленски, исто така, тврдеше дека Москва планира да го вклучи Ахметов во обидот за државен удар против него, што тој го отфрли, наведувајќи дека е „шокиран од ширењето на таквите лаги“.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.