Повеќе од 10 милиони Американци веќе гласаа на претседателските избори на 3 ноември по пошта или со првично гласање. „Гласачите дадоа вкупно 10.296.180 гласачки ливчиња“, што е рекорд, објави американскиот Проект за избори на Универзитетот во Флорида на својата веб-страница.
Гласачите во американската држава Џорџија беа принудени да чекаат во долги редици пред избирачките места на првиот ден од предвременото гласање. Во последниве години, во државата има проблеми со гласањето, пишува Гардијан.На одделни места се чекаше повеќе од шест часа за да се гласа.
Џорџија не е единствената држава со исклучително долги редици на првиот ден од предвременото гласање. Локалните власти пријавија невидена излезност на првиот ден од предвременото гласање во Вирџинија и Охајо.
На претседателските избори годинава се очекува да има рекорден одoѕив. Во исто време, постојат стравувања дека случаите на заразени со новиот коронавирус ќе се зголемат поради мтеж. Поради оваа причина, властите и невладините организации ги повикуваат луѓето да гласаат порано по пошта или на избирачките места.
Американскиот претседател Доналд Трамп се врати во изборната кампања помалку од две недели откако објави дека е заразен со вирусот на собир во Санфорд, Флорида, каде што, без маска на лицето, го пофали неговото управување со епидемијата.
Влегувајќи на аеродромот во Санфорд, Трамп фрли маски во толпата, а за време на неговото обраќање, тој во неколку наврати зборуваше за закрепнувањето од Ковид-19.
– Завршив со тоа. Тие велат дека сум имун сега. Се чувствувам толку моќно, рече Трамп пред илјадниците приврзаници кои стоеја збиени заедно, повеќето без маски. Тој додаде дека се чувствува толку моќно што може да влезе во публиката и да ги бакне сите.
– Ќе бакнам момчиња и убави жени, на сите ќе им дадам голем дебел бакнеж, рече Трамп.
Митингот се одржа неколку часа откако Белата куќа објави дека бил тестиран негативно за вирусот корона и дека не е заразен.
Демократскиот кандидат Џо Бајден вчера имаше два предизборни настапи во Охајо.
Тој го критикуваше Трамп за минимизирање на заканата од вирусот и ја исмејуваше изјавата на претседателот дека „не сака да паничи меѓу Американците“.
Златко Шумковски