Над 23 литри дожд во Куманово, во липковско над 30 сантиметри снег

Сподели со своите пријатели

На подрачјето на Куманово во текот на изминатото деноноќие наврнале 23,1 литри воден талог на метар квадратен, покажуваат податоците на Регионалниот центар за управување со кризи.

На високите места и во Куманово и во Липково дел од врнежите биле во форма на снег.

Така, еден жител на липковскиот крај во РЦУК пријавил дека снег предизвикувал проблеми на патниот правец меѓу селата Белановце и Лупчане каде снежната покривка била и над 30 сантиметри.

Како што појаснуваат од Регионалниот центар за управување со кризи, веднаш било реагирано до „Македонија пат“ од каде била упатена механизација за расчистување на патниот правец кон границата со Косово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Имам обврска да ги довршам сите почнати и да реализирам нови проекти

Врнежи од дожд и снег, но со послаб интензитет се очекуваат и денеска во кумановско. Ќе дува и умерен до засилен ветер од северен и североисточен правец, кој на моменти ќе достигнува и до 50 километри на час.

Во текот на ноќта се очекуваат послаби врнежи од снег и на некои пониски места, кога температурата на воздухот ќе се спушти на еден степен под нулата.

Максималната дневна температура денеска ќе достигне само четири степени целзиусови.

Никола Ивановски