Лидерите на ЕУ на самитот во Брисел најавија дека ќе преземат долгорочни обврски за зајакнување на безбедноста на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика лидерите на ЕУ да започнат со работа на нова рунда санкции против Русија, објави Ројтерс.
На самитот во Брисел, лидерите ја повторија својата осуда на Русија за нападот на Украина и рекоа дека членките на ЕУ се подготвени да придонесат за исполнување на обврските за да ` помогнат на Украина да се одбрани долгорочно.
Во текстот на заклучоците од самитот, лидерите наведуваат дека наскоро ќе ја разгледаат формата на преземените обврски.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Јосеп Борел рече дека новите обврски може да се додадат на постојната поддршка на Унијата, како што е Европскиот фонд за мир, од кој се финансирани милијарди евра за оружје за Украина и за обука на украинските војници.
Воената поддршка за Украина мора да биде долгорочна, им рече Борел на новинарите, сугерирајќи дека ЕУ може да формира одбранбен фонд за Украина, по моделот на мировниот фонд.
Борел посочи дека обуката и модернизацијата на украинската армија мора да продолжи.
Во завршниот текст се наведува дека ЕУ ќе придонесе за помошта на Украина заедно со партнерите и со целосно почитување на безбедносните и одбранбените политики на одредени земји-членки.
Украина тврди дека најдобар начин да се обезбеди сопствена безбедност е да стане членка на НАТО.
Но, дури и Киев призна дека тоа не е можно за време на војната, а сојузниците во НАТО се поделени околу тоа колку брзо тоа би можело да се случи потоа.
Обраќајќи им се на лидерите на ЕУ преку видео врска, Зеленски им се заблагодари на 11-тиот пакет санкции против Русија одобрен од Унијата претходно овој месец, кој има за цел да ги спречи другите земји да ги заобиколат постоечките санкции против Москва.
Зеленски алудираше на неуспешниот бунт од руската паравоена група „Вагнер“ минатиот викенд, велејќи дека колку е послаба Русија, толку повеќе нејзините водачи се плашат од бунтови и востанија.
Зеленски истакна дека слабоста на Русија ќе доведе до пораз на Москва во војната во Украина.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.