На Маврово може ќе нема снег за дочекот на Новата година, но гости секако ќе има.

Сподели со своите пријатели

На Маврово може ќе нема снег за дочекот на Новата година, но гости секако ќе има. Може и повеќе од очекуваното. Заради ограничувањата кои ги наметна пандемијата многумина за празнична дестинација го избраа најголемиот зимски туристички центар. Поголемите хотели и сместувачки капацитети се речиси пополнети. Место повеќе деновиве се бараше и за приватното сместување. Угостителите и туристичките работници се едногласни, никогаш понеизвесна не била оваа зимска сезона.

Loading...

Има уште некој слободен кревет

Пред да бидат објавени мерките на Комисијата за заразни болести, од средината на ноември па до средината на декември, владееше вистинска јагма за изнајмување  викендичка, особено за деновите околу дочекот и Божик. Побарувачката ги качи и цените. За викендичка со осум до десет кревети за три дена, требаше да се платат од 600 до 800 евра, зависно од бројот на кревети и опременоста, локација. Цените малку паднаа со оглед дека властите најавија санкции за групирање и прославување кое го надминува бројот на лица кои ќе престојуваат не едно место. Последните што ги нудеа слободните викендички, тоа го правеа за 400 до 500 евра. Апартманите главно се издаваа на повеќе денови и главно се за 50 евра од ноќ.

За цените и изнајмувањето речиси никој не сака да зборува јавно, но во анкетата на МИА меѓу мавровци и сопственици на викендички се доби заклучок дека гости ќе има. Пред десетина денови, интересот опаднал, а имало и бран на откажување на резервациите. Паднаа и цените, но сè поизвесно е дека населбите околу Мавровското Езеро ќе бидат полни со гости.

Еден од поискусните туристички работници во Маврово, Раде. во разговорот за МИА рече за празнициве очекувам да има од пет до седум илјади гости.

Рестораните ќе работат, но забава ќе нема

Ресторанот „Мал Одмор“ на Радослав Раде Симоски е неформалната капија на Маврово ги дочекува гостите и тој го чувствува секој бран на гости. Веќе четири децении е угостител и пионер на овој бизнис во крајот. Вели, деновиве немаше некоја раздвиженост, веројатно ќе го чекаат викендот.

– Годинава се поремети сè. Плановите се сменија па дури и пред самиот почеток на зимската сезона. Но, што е тука е. Годинава првпат нема да организираме дочек на новата година. Ќе работиме нормално, до 18 часот, а до 22 ќе служиме храна по шалтер систем, вели Раде.

Loading...

Констатиравме дека годинава на Маврово му недостасува, празничната атмосфера. На муабетот се дополнија и гости кои замолија да се пренесе нивната замерка до локалната власт: Ако нема снег, барем да украсеа некоја бандера, светла да имаше. Да се почувствува некоја друга атмосфера.

Раководителите и сопствениците на сите поголеми ресторани и хотели во мавровската долина потврдија, ќе се работи, но без програма.

Во „Ресорт Маврово“ најголемата компанија која има хотелско угостителски објекти во Маврово велат дека се речиси целосно исполнети за празниците.

– Нашиот Ресорт Маврово, во три хотелски капацитети – познатите хотели Бистра, Спорт и Лоџ хотелот има 87 соби кои ги нудиме за претстојните празници. Радосни сме што се продадени 90 отсто од капацитетите. Имаме домашни туристи, но и посетители од други држави, посебно од земји каде што е дозволено патување без да се прави ПЦР тест.

Важно е што Маврово веќе не е само викенд дестинација, туку имаме гости во текот на неделата. Исто така, многу граѓани го комбинираат својот престој со можноста за работа на оддалеченост, односно престојуваат и работат од Маврово, рекоа од менаџментот на Ресорт Маврово.

Ќе се скија, ама по протокол

Маврово како дестинација за одмор и уживање во планинскиот воздух е една од понудите. Секако она што го прави овој туристички центар препознатлив е рекреацијата на снег, скијањето, бордањето. МИА ја провери состојбата и донесе информации од ски терените и околу нив. Секако и доби одговори на прашањето: Како ќе функционира ски центарот, во услови кога важат заштитни мерки?

Од Ресортот Маврово ни одговорија: Ски центарот ќе функционира беспрекорно.

Loading...

– Секако со почитување на сите заштитни мерки кои придонесуваат да се спречи ширењето на вирусот. И досега, кога се скија, се носи маска или марама, се носат ракавици и се држи оддалеченост. Низ целиот ски центар се поставени информативни табли каде се наведени сите протоколи за заштита од пандемијата Ковид 19. Бачилата ќе работат, но со шалтер систем. Тоа е новина што не сме ја имале во ниту една зимска сезона.

Вообичаено редици и турканици се очекуваат пред билетарниците. Затоа годинава воведена е можност за купување на ски карти со надополнување. Тоа, како што објаснија од менаџментот на центарот значи дека откако скијачот еднаш ќе купи карта од билетарницата, потоа при секоја нова посета на скијачкиот центар, може да ја надополнува преку интернет страница www.resortmavrovo.com

Забава нема, полицијата на терен ќе проверува

Поради пандемијата, оваа скијачка сезона, не се дозволени дополнителни активности како што се забави и натпревари, освен натпреварите за професионалните скијачи. Сепак, освен оние што знаат да скијаат, оваа зима секако е одлична можност и оние што не знаат да скијаат, да научат. Новиот систем кој е ставен во функција се очекува да прави вештачкиот снег по главните патеки. Од ски центарот потврдија дека вештачки снег ќе се прави и оваа сезона. Штом температурите паднат, системот за вештачки снег ќе биде во употреба. Тогаш кога Бистра е побелена е поубава, па трите жичарници, 11 ски лифтови и безмалку 30 километри патеки го оправдуваат епитетот најголем скијачки центар во Македонија.

Освен гости на Маврово се очекува и зголемено присуство на полицијата. Тоа во пресрет и за време на новогодишните празници го најавија од СВР Тетово. Сините униформи ќе ги засилат контролните активности. Најмногу ќе се контролира почитувањето на владините одлуки, мерки и препораки за спречување на ширењето на корона вирусот „ковид-19“. Не откриваат како, но веќе имаат планирани повеќе оперативни активности.

– Во фокусот на контролите ќе бидат угостителските објекти на ова подрачје, како и викендичките околу Мавровското Езеро. Ќе се контролира дали, како и колку се почитуваат мерките и доколку се констатира кршење на истите, ќе се реагира брзо, ефикасно и конкретно. Инволвираните законски ќе се санкционираат со изготвување на соодветни поднесоци, а во некои случаи и со приведување на прекршителите, вели портпаролот Марјан Јосифоски.

За да нема санкции и новата година да започне со убави желби, од СВР Тетово со апел да не се користат и активираат пиротехнички средства. Особено да се внимава, наредните денови кога има зголемен сообраќај на патиштата кои водат кон туристичките центри. Полицијата ќе биде присутна и ќе ги контролираат брзината со која се движат возилата, престигнувањето, управување под дејство на алкохол, без возачки дозволи и на нерегистрирани возила.

Зоран Маџоски

Loading...

Leave a Reply