На Африка и се заканува стагфлација, циклус на бавен економски раст и висока инфлација, бидејќи се бори со долгорочните ефекти од пандемијата и зголемените цени на горивото и храната предизвикани од војната во Украина.
Ова во средата го објави Африканската банка за развој (AfDB).
И покрај релативно ниската стапка на смртност во споредба со поразвиените региони, Африка го почувствува тешкиот економски удар од пандемијата Ковид-19.
Целиот континент закрепна во 2021 година, а неговиот бруто домашен производ (БДП) порасна за 6,9 отсто, по падот од 1,6 отсто претходната година. Банката процени дека реалниот раст на БДП ќе забави до 4,1 отсто оваа година.
„Забавувањето на растот ја нагласува сериозноста на влијанието на руско-украинскиот конфликт врз африканската економија. Ако конфликтот продолжи, растот на Африка веројатно ќе стагнира на околу четири проценти во 2023 година“, пишува AfDB.
Во меѓувреме, се очекува инфлацијата да се забрза до 13,5 отсто оваа година, од 13 отсто во 2021 година, бидејќи цените на енергијата и храната во Украина драстично растат поради војната.
AfDB проценува дека околу 30 милиони Африканци се екстремно сиромашни, а 22 милиони останале без работа минатата година поради пандемија.
Ранливите популации, особено во урбаните средини, ќе го сносат товарот од зголемените цени, а економските нарушувања кои произлегуваат од војната би можеле да создадат уште речиси четири милиони екстремно сиромашни оваа и следната година, според извештајот на AfDB.
„Во отсуство на мерки за ублажување, ова може да ги поттикне социјалните тензии низ целиот континент“, се вели во извештајот.
AfDB проценува дека односот на долгот и БДП на Африка ќе се стабилизира на околу 70 отсто, што е намалување од 71,4 отсто во 2020 година, поради минатогодишното економско закрепнување и мерките за намалување на долгот, но ќе остане над нивото пред пандемијата.

