МВР објави снимка од вчерашната акција за сузбивање на ланец за криумчарење мигранти (видео)

Сподели со своите пријатели

Министерството за внатрешни работи во соработка со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден спроведе акција на неколку локации во државата, при што беа извршени претреси во домови и други простории, по наредба на Судија на претходна постапка, кај лица осомничени за кривичните дела  „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в и   “Криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-б од КЗ на Република Македонија.

–       На 20 јуни .2016 година, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал беше отворена криминалистичка обработка заради сузбивање на организирана криминална група, која е дел од меѓународна криминална мрежа, инвовлирана во организирање на криумчарење мигранти низ територија на Република Македонија. Организатори на оваа криминална група се лица од Блискиот Исток (Авганистан и Пакистан) кои подолг временски период престојуваат во регионот, односно во Македонија, Србија и Грција, при што во координација со лица – мигранти и наши државјани организираат криумчарење на илегални мигранти од Грција преку Македонија и Србија кон Западноевропските земји. Во вршење на криминалните активности, како криминални соработници се јавуваат македонски државјани кои имаат улога на водичи, транспортери, сместувачи, извидница, логистика и сл. Заради ефикасно сузбивање на организираната криминална група и спречување на нивните криминални активности, од 05-ти септември 2016 година, по Наредба на Јавното обвинителство, активно беа применувани Посебни истражни мерки- рече на денешната прес конференција директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски.

Вчера, односно на 10 јули 2017 година, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Одделот за специјални полициски операции при МВР и други организациски единици, како резултат на спроведената истрага, по добиени насоки од Јавното обвинителство, започна со реализација на криминалистичката обработка, со цел сузбивање на организирана криминална група инволвирана во извршување на криминални активности поврзани со криумчарење мигранти.

-Во утринските часови, на автопатот Велес-Скопје, од страна на полициски службеници се преземени мерки и активности за сопирање на патничко моторно возило  „Мерцедес“ за кое имаше добиено оперативни сознанија дека врши транспорт на илегални мигранти со цел лишување од слобода на возачот, кој е дел од криминалната група и еден од организаторите. Иако од страна на полициските службеници од ОСПО беа преземени мерки за запирање на возилото со поставување на блокади, возилото управувано од страна на Б. К. , движејќи се со голема брзина ја пробило поставената блокада и продолжило со движењето. Со цел да биде запрено возилото, поставени се други полициски блокади, а во обид да ги избегне полициските патроли, возилото ја скршило и рампата на наплатната станица во близина на езерото Младост во  Велес, упатувајќи се кон Куманово. Во близина на рафинеријата „Окта“, односно на автопатот Скопје-Куманово беше присилно сопрено возилото и возачот Б. К. беше лишен од слобода, а во возилото беа пронајдени 12 мигранти од кои 11 Пакистанци и еден Египјанин, сите од машки пол- објасни директорот Велковски.

            Истовремено, по претходно издадени наредби од Судија на претходна постапка, беа преземени плански мерки и активности за лишување од слобода на 13 лица – членови на криминалната група, кои живеат или престојуваат на подрачје на Куманово, Скопје и Гевгелија, а за кои лица во текот на истрагата се обезбедени докази за нивна инволвираност во организирање, прифаќање, транспорт, сместување и префрлање преку државната граница на мигранти.

         -Од страна на МВР врз основа на судски наредби за претрес на дом и други просториии извршени се претреси на 13 локации и тоа пет на подрачјето на Куманово, седум во Скопје и една во Гевгелија. За време на извршените претреси, лишени од слобода се А.М.,   Н.А. , Б.А. ,  и А.С. од Куманово, потоа А.К. , Б.И., И.Т,,  додека В.В. сам се пријави во полициска станица. Исто така, во близина на с.Арачиново од слобода е лишен и С.Н., заедно со лицата Е.Н. и Р. Ј., кои се превезувале во возилото  „Мерцедес“. Во Гевгелија беше лишен од слобода И. Ѓ.. При извршените претреси обезбедени се повеќе предмети кои се користени во доказна постапка:  шест моторни возила, повеќе мобилни телефони и СИМ картички, парични средства во износ од 27.250 евра, еден пиштол марка М57, рамка со четири куршуми и нотес со податоци за лица и износи на парични средства- рече директорот Велковски.

Сите 14 мигранти кои беа откриени во возилото „Мерцедес“, куќа и чајџилница во село Ваксинце се превземени од страна на граничната полиција и предадени во Прифатниот Центар за странци на МВР.

-Сакам да напоменам дека за време на водењето на криминалистичката обработка интензивно е соработувано со колегите од Србија и Унгарија, а воспоставени се контакти и со колегите од Грција за размена на податоци и сознанија поврзани со оваа меѓународна криминална група- рече Велковски.