Музички инструменти, аудио опрема и друга електроника се запленети во три случаи на влез во државата на граничните премини Табановце и Меѓународен Аеродром Скопје, откако царински службеници и мобилен тим ги открија во возила со кои македонски и странски државјани се обиделе да ги криумчарат. Запленетата стока е со проценета вредност од 736 илјади денари.
– Во првиот случај, откриен на граничниот премин Табановце, во комбе со швајцарски регистарски таблички управуван од италијански државјанин, во багажникот биле откриени 5 музички инструменти (вклучувајќи синтисајзери, кларинет и саксофон), перална машина и компјутерски монитор со вредност од 588.833 денари.
– Во вториот случај, откриен исто на Табановце, мобилен царински тим заплени употребувана аудио опрема скриена во автомобил со холандски таблички управуван од државјанин од Албанија. Меѓу производите имало JBL звучници, EUROPOWER засилувач, DJ миксета PIONEER и перач под притисок Karcher.
– Во третиот случај, на Меѓународен Аеродром Скопје, царинските службеници открија електрични тапани и аудио опрема Roland во патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Брисел.
Царински службеници на граничен премин Табановце во два случаи спречија обиди за нелегален внес на девизи во износ од 21 илјада евра. Во првиот случај при контрола на автобус, во личната торбичка на еден од патниците се пронајдени 19.600 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 9.600 евра биле привремено задржани. Во вториот случај, во возило со кое патувале двајца патници се пронајдени вкупно 31.400 евра, при што согласно закон на двајцата патници им биле вратени по 10 илјади евра, додека останатите 11.400 евра се привремено задржани.
Службата за мобилни скенери, во кабина на камион што бил пријавен како празен, на влез во државата на граничниот премин Табановце, откри вкупно 105 парчиња облека и обувки, како и друга разновидна стока со вкупна вредност од 170 илјади денари.
Автомобилска опрема со вкупна вредност од над 100 илјади денари е откриена при контрола на камион со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин на влез во државата на граничен премин Табановце. Непријавените автоделови биле скриени во кутии поставени на креветот во кабината, како и во странични прегради на влекачот.
Интегрално соопштение: Царинска управа