Муслиманите го чествуваат Курбан Бајрам

Сподели со своите пријатели

Курбан Бајрам — голем исламски празник кој трае 7 дена (10-13 зулхиџет, односно дванаесеттиот месец според арапскиот календар) и се вика таканаречениот празник на жртвата затоа што тогаш се принесува жртва – курбан, обично овни и им се делат на сиромасите.

Со утринска молитва сабах-намаз, а два часа потоа и со бајрам-намаз почнува тридневната прослава, во која почитта кон Алах муслиманите ја искажуваат со колење курбан. Курбан бајрам се празнува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-Бајрам, а го одбележува денот кога е комплетиран Светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој според верниците е доказ за солидарност и благосостојба.

На Еид ал-Адха (Курбан-бајрам) се врши ритуалното принесување жртва, и оваа древна традиција се врши на одредени места. Се жртвуваат животни, како овци, кози, крави, бикови, биволи и камили, и притоа едно семејство принесува едно жртвено животно. Курбанот што се коле се посветува само на Алах, но им припаѓа на сиромашните и на оние кои го слават. Месото се дели на три дела, едниот се дава на сиромашните, вториот се приготвува за гоштевање на роднините, соседите и пријателите, а третиот дел верниците може да го остават на своето семејство.

Курбан-бајра секогаш е дополнителен повод муслиманите да извршуваат добри дела. Традиционално се оди на посета кај роднините и најблиските пријатели, при што се даваат дарови и се донира за сиромашните. Во големите градови во светот често месото од жртвувањето се донира во ресторани и за неговото послужување не се наплаќа.

Празникот Курбан-бајрам е востановен во сеќавање за тоа како пророкот Ибрахим бил подготвен по заповед на Бога да му го принесе на жртва својот сакан син Исмаил. За таа покорноста и богобојажливост, Ибрахим е послан да жртвува овен, а синот да ја одбегне оваа судбина.

Потеклото на Курбан-бајрам поврзана за приказната за принесувањето жртва на пророкот Ибрахим (Аврам) е опишана во светите книги на трите монотеистички религии – исламот, христијанството и јудаизмот. Бог го искушува својот пророк, повелувајќи му да го жртвува својот син, а потоа бидејќи ја гледа цврстината на неговата вера, му наредува да жртвува овен/јагне и да го пушти синот.

Со Курбан-Бајрам, исто така, завршува и хаџот, аџилакот на светите места во Саудиска Арабија, поврзани со животот и служението на пророкот Мухамед. И годинава повеќе стотици верници од Македонија заминаа на најсветите места во исламот, во Мека и Медина.

Според исламската историја, денешниот празник, Курбан Бајрам, важи за голем Бајрам, поради тоа што по дваесет итри години колку што траеше објавувањето на Куранот светата муслиманска книга, тој се комплетираше токму на „денот на Арафат“, на Курбан-бајрам.