Членот на Советот на Општина Куманово од редовите Алијансата на Албанците Осама Муадини, на денешната седница на Советот побара на дневен ред да се стави точка за промена на имиња на улици во градот.
Според него дел од улиците треба да носат имиња на албански херои, бидејќи и тие дале допринос за развојот на градот.
Како што појасни секретарот на Општина Куманово Десанка Стошевска тоа се прави според закон во неколку фази, но не шест месеци пред одржување на изборите, што значи дека ако во април има избори тоа сега не може да се започне.
Мнозинството беше против ваквата идеја на советникот Муадини, па точката не се најде на дневен ред.
Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека одредени политички субјекти користат специфични момент во политиката за да добијат политички поени.
Многу е поважно, вели да се најде начин како тие улици да се направат, отколку да се менуваат нивните имиња.
– Одредени политички субјекти ги користат специфичните политички моменти во државата сакајќи да билдаат личен рејтинг особено на национален или етнички план, подзабораваат дека се присутни во Советот со години, а не само во период на предизборието иницираат вакви иницијативи кои што според мене не му недостасуваат на Куманово и подобро е да изнајдеме како тие улици да ги направиме и да ги подобриме животните услови на граѓаните за кои дискутираме, а не да менуваме имиња на улици, изјави Димитриевски.

Како што појасни првиот човек на Куманово, негова цел е да работи на сплотување на граѓаните, а не на создавање поделби.
– Кога живеете во една општина која е мултиетнички карактерна и каде што градите мултиетничко општество во имате одличен соживот со граѓаните сметам дека ваквите иницијативи дополнително допринесуваат за поделби. Јас работам на сплотување на заедниците, а не на нивна поделба и ќе продолжам така, без разлика што поединци се обидуваат да ја искриват таа слика која не е таква како што ја прикажуваат, вели тој.
Ако ги прашаме граѓаните, вели тој, сигурно ќе сакаат да им се асфалтираат улиците, а не да им се менуваат имињата.
– Се давиме во кал, живееме во град кој што постои пет века, а се уште имаме огромни комунални проблеми, од 46 села и населени места Куманово со соочува со проблем со водоснабдување во 43, зборуваме за пет века постоење на градот, петвековна инфраструктура, сега во моментот дошла идеја на одреден политички субјект да го отвора оваа прашање што дополнително ја усложнува работата во тешките услови во кои функционираме и мислам дека ваквите иницијативи во овој момент не се созреани, додаде Димитриевски.
Сепак вели дека тој не може да одлучи за менување на имињата на улиците, туку првин за тоа Советот треба да донесе одлука, па постапката оди во Влада и повторно се враќа пред советниците.
Инаку, истиот советник кој сакаше да ја иницира промената на имињата, подоцна на пауза замина да протестира пред општината поради изразување наводно незадоволство од неистакнува на албанското знаме на прославата на 500-годишниот јубилеј на градот.