МОН: во тек е исплата на грантовите за реализација на училишни проекти од областа на мултикултурализмот

Сподели со своите пријатели

Како еден од клучните столбови на кои се потпира и развива нашето општество, мултикултурализмот е основа и на воспитно – образовниот систем, односно значаен дел од наставната материја и едукацијата на младите на сите образовни нивоа. Во таа насока, Министерството за образование и наука веќе 5 години во рамки на својот буџет предвидува средства кои се доделуваат на основните и средните училишта за организирање и реализирање на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција.

Loading...

Наставните и воннаставните активности кои се финансираат со грантови во висина од најмногу до 30.000 денари, се реализираат самостојно од страна на училиштата или во соработка со други училишта, со учество на ученици од различни етнички заедници и на повеќе наставни јазици.

Досега, за оваа намена преку јавни повици објавени од страна на МОН доделени се вкупно 509 грантови, од кои 384 на основни училишта и 125 на средни училишта. Само во учебната 2020/2021 година доделени се 70 грантови на основни и 23 на средни училишта, а исплатата на средствата е во тек.

МОН ќе продолжи и во идната учебна година да ги поддржува активностите кои ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, заради зголемување на интеракцијата меѓу учениците кои наставата ја следат на различни јазици, подобрување на меѓуетничката интеграција и елиминирање на стереотипите и предрасудите, со крајна цел градење на општество без бариери особено помеѓу младите.

За објава на следниот јавен повик за доделување на средства по овој основ, училиштата ќе бидат навремено информирани.

Министерство за образование и наука

Leave a Reply