ММФ препорачува усогласување на возраста за пензионирање со европските држави

Сподели со своите пријатели

Потребно е возраста за пензионирање да се доведе во согласност со земјите од Европската унија за да може Фондот за пензионско и инвалидско осигурување во Македонија да биде одржлив, препорачуваат од Меѓународниот монетарен фонд.

– Имате дефицит во пензискиот фонд од 4,5 проценти, но со оглед на тоа дека населението старее се очекува овој процент да се зголеми до 10,5. Ова, секако не е одржливо и нешто мора да се смени. Ако ги гледаме придонесите што се плаќаат за пензиско осигурување и возраста на која се пензионираат луѓето, тие се пониски во однос на земјите од ЕУ и пензискиот фонд за да биде одржлив потребно е возраста на пензионирање да се доведе во согласност со земјите од ЕУ, изјави денеска во Скопје шефот на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија, Џасмин Рахман.

Потребно е, според неа, да се врши усогласување на висината на пензиите само според инфлацијата, а не по 50 проценти според трошоците на живот и платите. Препорачува да се затворат и дупките во законите кои овозможуваат чести пензионирања на помлади лица.

– Во последните години имавте зголемување на бројот на пензионери и се очекува тој тренд да продолжи и затоа мора да се преземе нешто, вели Рахман.

Таа смета дека она што треба Македонија да го направи за да ги задржи младите во државата е да создаде добра бизнис клима и повеќе работни места.

-Потребни се реформи во институциите и во образованието за вештините кои ги стекнуваат луѓето во текот на образовниот процес бидат соодветни на работните места кои се отвораат, вели Рахман.

За Македонија да постигне поголем економски раст, од ММФ велат дека се потребни директни странски инвестиции, силна економија, структурни реформи во управувањето и правото и транспареност на институциите.

– Имате висока стапка на миграција во развиените земји и затоа потребно е да се подобрат јавните институции за да се задржат стручните работници во државата. Имате и една од највисоките стапки на невработеност во Европа и затоа потребни се реформи пред се поголема отвореност на пазарот, пониски даночни стапки и инвестирање во образованието, нагласи Рахман.

Според заменик главниот директор на ММФ, Тао Џанг, добар моментум за Македонија е стабилизирањето на политичката ситуација, а за целиот регион смета дека е важно тој да остане отворен и да ги зајакне врските со најголемите трговски партнери./МИА


Leave a Reply