Кошаркарите на Куманово вчеравечер загубија на гостински терен од составот на Кожув со резултат 100:92.
Домашните кошаркари одлично го отворија натпреварот и во првите девет минути стекнаа двоцифрена предност од 22:11. Сепак, целата таа разлика ја испуштија во продолжението од првата четвртина и почетокот на втората, кога гостите од Куманово направија серија од 12:0 и поведоа со 23:22. Во тие моменти блескаше Максим Митевски, кој без промашување ја предводеше кумановската офанзива, реализирајќи 5/5 од поле и 2/2 од линијата за слободни фрлања.
По краткиот одмор за Митевски и Луковиќ, лидерската улога кај МКК Куманово ја презеде најискусниот Јанески, кој со седум поени го комплетираше пресвртот. Кумановци ја задржаа предноста до крајот на втората четвртина и на полувреме заминаа со водство од 45:41.
Во третата четвртина, по тројката на Симиќ, Кожув израмни на 50:50, а истиот играч во следниот напад му донесе и ново водство на домашниот тим (52:50). Сепак, до крајот на периодот МКК Куманово повторно беше во минимална предност и во последната четвртина влезе со 69:68.
Клучниот момент се случи во првите три минути од последниот период, кога Кожув направи серија од 10:3 и поведе со 78:72. Од тој момент па натаму, гевгелискиот состав целосно ја контролираше играта и не дозволи нов резултатски пресврт.
Со 27 поени најефикасен во составот на Куманово беше Андреја Стевановиќ, зад него со 22 Максим Митевски, Луковиќ имаше 19, а Николиќ 12 поени.
Никола Ивановски

