Мирен почеток на изборниот ден, набљудувачите на ЦИВИЛ бележат мал број нерегуларности

Сподели со своите пријатели

На првиот прес на ЦИВИЛ во 8 часот утринава, Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во име на организацијата на сите граѓанки и граѓани им посака слободни и безбедни избори.

„Овие предвремени парламентарни избори се десетти по ред парламентарни избори во нашата земја и се спроведуваат во специфични услови, со предизвици кои ги наметна пандемијата од коронавирусот. Затоа, нашиот прв апел на денешниот ден е до гласачите, изборната администрација, медиумските екипи, полицијата и набљудувачите – строго да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот. Заштитата е едноставна, се носи маска, се држи дистанца и рацете се дезинфицираат при влез и при излез од избирачките места. Набљудувачите на ЦИВИЛ го започнаа своето изборно набљудување во 6:30 минути утринава. Им посакуваме успешна работа и мирен ден“ – изјави Дерала на почетокот на првата прес конференција во хотел Порта, Аеродром.

Loading...

Што се однесува до извештаите од мониторингот на ЦИВИЛ, најзабележливо е тоа што во текот на изборниот молк кој започна на полноќ, 13 јули, се бележат стотици случаи на кршење на изборниот молк, како на социјалните мрежи, така и на терен, од познати, но и од непознати нарачатели. Изборниот молк се крши низ целата земја и во текот на изминатата ноќ. Кршењето на изборниот молк е придружено со невидена негативна, црна кампања, со стотици случаи на говор на омразата, лажни вести и дезинформации. Во текот на изминатите два дена, ЦИВИЛ издаде детални соопштенија за овие појави.

„За жал, овие денови констатираме дека во јавноста се добива впечаток дека во земјава функционираат две или повеќе министерства за внатрешни работи, а се констатира кршење на изборниот молк и политичка пропаганда кои произлегува токму од ова министерство. Тоа во јавноста остава лош впечаток и може да предизвика конфузија и несигурност. Да се надеваме дека граѓанките и граѓаните на Република Северна Македонија ќе покажат зрелост и политичка култура и ќе го искористат своето уставно гарантирано право на глас, независно од политичките несогласувања во ова министерство“ – рече Дерала на прес конференцијата.

Што се однесува до нерегуларностите, мониторингот на ЦИВИЛ бележи случај во Избирачкото место (ИМ) 836 во Кочани, каде што има групирање на луѓе, а се бележи и обид за семејно гласање кој бил спречен од ИО.

Понатаму, во ИМ 2042 во Брвеница, се бележи случај на неовластено присуство во избирачкото место, под изговор дека е партиски набљудувач на одредена партија, но без потребното овластување. Се создала тензија, а двајца членови на Избирачкиот одбор (ИО) му пружаат поддршка и му дозволуваат да остане во ИМ, без оглед на тоа што не поседува потребни овластувања.

Набљудувачите на ЦИВИЛ го набљудуваа отворањето на повеќе од 200 ИМ низ целата земја. Сите овие ИМ се отворени на време. Самите ИМ се уредни и прописно подготвени за денешниот изборен ден.

Што се однесува до мерките за заштита од коронавирусот, се бележи дека во ИМ 2873 во Чаир членовите на ИО не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Интегрално соопштение


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *