Министерот Оливер Спасовски се сретна со амбасадорката на ОБСЕ

Сподели со своите пријатели

Во Министерството за внатрешни работи на Р.Македонија, се одржа работна средба помеѓу шефицата на мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Амбасадорката Нина Суомалаинен и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружувани од неколку свои соработници, информираат од МВР.

Loading...

Шефицата на мисијата на ОБСЕ, Амбасадорката Нина Суомалаинен изразила особено интересирање и побарала став во однос на прашања околу мигрантската, односно бегалска криза, борбата против тероризмот, регистрацијата на избирачите во избирачкиот список и негово прочистување со цел да се обзебедат фер и демократски избори, а меѓу другото се интересирала и за соработката со Специјалното јавно обвинителство.

Министерот Спасовски ја запознал амбасадорката Суомалаинен со четирите приоритети за претстојниот период, и тоа: учеството во борбата против тероризмот , справувањето со бегалската криза, ефикасната подготовка и реализација на изборниот процес и соработка со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Спасовски изрази осуда за неодамнешните настани во Париз, при што потенцираше дека борбата против тероризмот бара поширок коалициски пристап. Во оваа насока тој информираше за мерките кои МВР ги презема во интерес на зајакнување на безбедноста во Р.Македонија. Спасовски нагласи дека Р.Македонија и понатаму останува да биде силен сојузник во борбата против тероризмот – велат од кабинетот на министерот.

Во однос на мигрантската, односно бегалската криза, министерот посебно ја нагласил потребата и важноста од заедничко делување и координација меѓу домашните и меѓународните чинители, што засега е на високо ниво. Тој упатил и барање за помош во надминување на актуелните состојби кои се проблем не само за Република Македонија, туку и за регионот и Европа. Едновремено, министерот се заблагодарил за досега укажаната помош од ЕУ и другите меѓународни организации и држави.

Во однос на подготовката и реализација на изборниот процес, министерот истакнал дека основната задача е прочистувањето на избирачкиот список со цел отстранување на можностите за злоупотреба на гласачкото право.

Истовремено, тој потенцираше дека негов личен приоритет е почитување и поддршка на професионалниот однос на службите во МВР и целосна департизација на министерството – стои во извештајот за средбата.

Спасовски истакнал дека обелоденувањето на аферата со прислушување алармира за нарушени човекови права и злоупотреби на службените позиции, состојби кои беа евидентирани во извештајот на Прибе.

Овие појави негативно влијаеа врз угледот на МВР и довербата на граѓаните во институциите , заради што е неопходно да се превземат активности и мерки за отстранузање на овие недостатоци – рекол Спасовски.

Министерот нагласил дека обезбедувањето на контрола врз системот за прислушување и влезот во телекомуникациските оператори е, исто така, врвен приоритет и дека ќе ги вложи сите напори тоа да не зависи од тоа кој е на чело на МВР, односно УБК.

Министерот Спасовски искажал подготвеност за целосна поддршка и помош за работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, нагласувајќи дека целосното функционирање на обвинителството е особено значајно и од интерес на Република Македонија.

Loading...

Во однос на наведеното, Амбасадорката Суомалаинен ја истакна нејзината, односно поддршката на ОБСЕ и изрази подготвеност за каква било поддршка на МВР и Специјалното јавно обвинителство и изрази надеж дека тоа многу брзо ке започне со работа – се вели во зивештајот на МВР.

Двете страни ја акцентирале важноста на соработката меѓу ОБСЕ и Република Македонија, односно ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи, за која констатирале дека е континуирана и успешна и изразиле надежи и отвореност за нејзино натамошно продолжување во тој дух.