Општина Куманово продолжува со напори за решавање на долгогодишниот проблем со канализациската мрежа во руралните средини, но и покрај постоењето на проектна документација, реализацијата на овие проекти се соочува со сериозни финансиски и технички предизвици.
Ова го истакна градоначалникот Максим Димитриевски на денешната седница на Советот на Општина Куманово, одговарајќи на советничко прашање.
Според изјавата на градоначалникот, општината уште пред три години изработила проектна документација за изградба на мини пречистителни станици, колекторски системи и примарна и секундарна канализациона мрежа за неколку рурални населени места, меѓу кои се селата Љубодраг, Умин Дол и Ново Село.
Меѓутоа, поради големи нивелациски разлики на теренот и потребата од изградба на две одделни пречистителни станици, овие проекти сè уште не се аплицирани за финансирање.
„Само за пречистителната станица што ќе ги опфати селата Романовце, Брзак и Агино Село се потребни повеќе од осум милиони евра, а дополнителни десет милиони евра за изградба на секундарната и терцијалната мрежа само за Романовце“, изјави Димитриевски, укажувајќи на сериозноста на финансиските обврски што ги носат ваквите зафати.
Тој истакна и дека техничките решенија се дополнително отежнати поради постојни објекти кои се изградени без одобрение и се наоѓаат под планираното ниво на инфраструктурата, што бара дополнителна интервенција во проектите.
Никола Ивановски