Месецов започнува реконструкција на патот Куманово – Скопје (видео)

Сподели со своите пријатели

Од овој месец ќе започне санацијата на делницата на автопатот Куманово-Скопје и тоа во двата правци, најави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при неговата вчерашна посета на Куманово.

Според министерот најпрвин ќе има рехабилитацијата на трасата од Куманово до Скопје.

Се работи за голема инвестиција во соработка со ИПА – фондовите. Целиот проект чини над 10 милиони евра. Првата фаза почнува во април, а следната за неколку месеци, што значи дека за околу 12 до 15 месеци ќе имаме нов автопат Скопје – Куманово – изјави министерот Мисајловски.

Санацијата на коловозот ќе се одвива на потегот од Куманово до селото Миладиновци и ќе опфати вкупна должина од 23 километри.

Реконструкцијата на автопатот меѓу Скопје и Куманово е еден од проектите што се одложуваше од една во друга година во изминатиов период. Јавното претпријатие за државни патишта го започна процесот за подготовка на проектната документација пред три години. Коловозот во двата правци на оваа делница од Коридорот 10 е во многу лоша ситуација, со брановиден асфалт опасен за одвивање на сообраќајот и со многу дупки. Покрај рехабилитацијата на коловозот, во моментов се одвиваат активности за изведба на нови наплатни станици на оваа автопатска делница кај кумановското село Романовце.