Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, понудил 5.000 долари на 19-годишникот за да го затвори профилот на Твитер што ги следи неговите приватни летови, изјави тинејџерот за Протокол.
Џек Свини чува 15 профили за следење летови со помош на бот што тој го создал и кој автоматски објавува кога славниот авион полетува или слетува на аеродром.
Профилот на Свини што ги следи летовите на Маск има најмногу следбеници, со повеќе од 97.000, а неговата популарност го натера Маск да испрати директна порака до овој тинејџер.
„Не ми се допаѓа идејата да ме застрела некој лудак“, рече Маск во пораката, нудејќи му 5.000 долари на Свини да го деактивира профилот, според Протокол.
Илон Маск неодамна изјави дека профилите на социјалните мрежи кои го следат неговото движење „стануваат безбедносен проблем“.
„Дали има шанса тоа да се зголеми на 50.000 долари? Тоа би било голема поддршка за мојот колеџ и можеби би ми овозможило да купам автомобил, можеби дури и модел 3“, одговори Свини.
Последната размена меѓу Маск и Свини се случила пред една недела, кога Свини рекол дека ќе ја избрише сметката без пари доколку Маск му даде пракса во неговата компанија.
Тинејџерот рекол дека Маск сѐ уште не ја прочитал пораката.
Свини му објасни на Маск како успеал да најде јавно достапни информации за неговиот приватен авион за да создаде алгоритам кој автоматски го објавува статусот на летовите на Маск на Твитер.
Иако статусот на летовите на Маск е јавна информација, само оние кои добро ја познаваат индустријата знаат каде да ги најдат, пишува Протокол.