Првиот човек на Tesla, Илон Маск, ги потсети инвеститорите на зголемениот предизвик во производството на електрични возила, а тоа е да се обезбедат доволно количества литиум за батериите на овој тип на автомобили.
– Акцентот е многу повеќе на рафинирањето на литиум отколку на неговото ископување. Има литиум, само се работи за создавање капацитет за рафинирање – рече тој.
Маск истакна дека Тесла има план да отвори рафинерија за литиум во Тексас, а работата треба да започне во мај.
Маск ја искористи можноста да ги покани претприемачите да преработат што е можно повеќе од овој минерал, кој се користи за производство на батерии за електрични возила, пишува Yahoo finance.
– Наместо да креирате апликација за споделување фотографии, ве молам свртете се на обработка на литиум – рече тој.
И од каде доаѓа литиумот?
Литиумот игра клучна улога во производството на сите видови литиум-јонски батерии кои ги напојуваат електричните автомобили и се произведува најмногу во Австралија, Чиле и Кина.
Поради нагонот да се префрли на електрични возила, неговото производство достигнува нови рекорди во последните 25 години.
Австралија е земјата во која моментално се произведува 52 отсто од литиумот во светот.
За разлика од Чиле, вториот најголем производител на литиум во светот, каде литиумот се добива од саламура, австралискиот литиум доаѓа од рудници за тврди карпи кои го содржат минералот сподумен.
Кина е трет по големина производител и има силно упориште во синџирот на снабдување со литиум.
Според тоа, побарувачката за литиум се предвидува да достигне 1,5 милиони тони литиум карбонат (LCE) до 2025 година и над три милиони тони од оваа суровина до 2030 година.