Бранејќи го својот веќе јасно искажан став за исламските екстремисти францускиот претседател Емануел Макрон денеска во отворено писмо предупреди дека некои француски окрузи се расадници на терористи.
Претседателот рече дека „девојчињата, во некои делови на земјата, се целосно прекриени со велови и се израснати да ги мразат нашите вредности“.
Во писмо до Фајненшел тајмс, Макрон напиша: „Од 2015 година стана јасно, а реков уште пред да станам претседател, дека во Франција има гнезда за терористи“.
„Ако не ми верувате прочитајте ги објавите на омраза на социјалните мрежи споделени во име на искривениот ислам што резултираше со смртта на Пати“, напиша францускиот претседател, мислејќи на Самуел Пати, учителот кој беше обезглавен од 18-годишен Чеченец затоа што на час на своите ученици им покажал карикатури на пророкот Мухамед.
„Посетете ги окрузите во кои мали девојчиња, на возраст од три или четири години, се под целосен превез, одделени од момчињата и од мали нозе одделени од остатокот од општеството, а се израснати во омраза кон француските вредности˝, напиша Макрон.
Франција го забрани целосното покривање уште во 2011 година, со контроверзниот закон наречен „забрана за бурки“.
Тој во писмото пишува дека нема да дозволи никој да тврди дека Франција или нејзината влада негува расизам против муслиманите. Тој потенцира дека Франција се бори со „плановите на омраза и смрт кои им се закануваат на нејзините деца, а никогаш против исламот“.
Макрон додаде дека земјата мора да остане обединета против терористите „кои сакаат да не скршат“.
Франција има муслиманска заедница од околу пет милиони, која е најголема во Западна Европа, и многу од нив имаат корени во поранешните колонии, како што е Алжир.
Сашко Димевски