Македонскиот мед да се брендира и заштити за пчеларите здружено да извезуваат

Сподели со своите пријатели

Пчеларите и денеска, на 17. „Денови на медот“ во Куманово, ја повторија оценката дека годинава е исклучително лоша за пчеларството и дека значително е намалено производството на мед поради лошите временски услови, посебно мразот и ниските температури што ја зафатија Македонија во првите месеци.

Како што рече претседателот на Сојузот на здруженијата на пчелари од Македонија Менде Трајковски, досегашните просечни 20 килограми мед по пчелно семејство, се сведени на два до пет.

– Во одредени региони е малку подобро, но целокупно гледано, оваа година е исклучително неповолна. Некои производители извадија четир до пет килограми, а некои само два, истакна Трајковски.

Спорд Часлав Ристовски, претседателот на здружението „Пчела“ кое ја организира манифестацијата, разговарано е со надлежните институции за проблемот во пчеларството.

– Тие изразија подготвеност да ни помогнат, да ни излезат во пресрет за надминување на состојбата, нагласи Ристовски.

Токму поради лошите резултати годинава, додаде, продажбата на „Денови на медот“ не е по саемски цени. – Медот се продава по 400 денари за килограм, 300 денари чини грам маитчен мед, прополис е 200 денари за килограм, информира Ристовски.

Во врска со здруженото настапување на заеднички пазари, оцени дека македонскиот мед најпрво мора да се брендира и заштити.

Годинашните „Денови на медот“ се одржуваат на Градскиот плоштад во Куманово. Ќе траат два дена, а ги отвори заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Власта Димковиќ. На манифестацијата учествуваат 16 производители од повеќе градови и нудат различни пчелни производи.

– Информирани сме за проблемите, конатктираме со сите пчеларски здруженија. Излегуваме во пресрет со Програмата за субвенционирање на земјоделското производство. Годинава поддршката е 20 проценти зголемена, опфатени се и пчеларите. Во наредниот период ќе преземеме и други мерки, опремата што ја набавуваат ќе биде ставена во рамки на останатата земјоделска опрема, изјави Димковиќ.

Дологодишниот пчелар Бранко Тасевски рече дека не се сеќава на полоша година за пчеларство од оваа. Објасни дека разликите во температурата, уништувањето на цветот кај одредени овошки и екстремно високите температури придонеле двојно да се намали производството. Неговите кошници се наоѓаат во Пелинце.

– Малку може да се пофалиме дека токму нашиот дел од козјачијата до Страцин даде одредена количина мед, која не е многу голема, но е подобра од останатите региони во државата, нагласи Тасевски.

Неговиот колега од Битола Пеце Чавдаровски потенцира дека мразот ги уништил овошките, а високите температури уште повеќе го влошиле ионака негативниот тренд. – Во Битолско имаше незначителни приноси по два килограма, рече Чавдаревски.

Во Кумановско има околу 150  пчелари, а во Здружението членуваат 60-на членови.

Loading...

Извор: МИА / фото: Кумановски Муабети