Законот за употреба на јазиците кој вчера го потпиша претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска официјално е објавен во Службен весник со што истиот стапува на сила.
Согласно членот два на овој закон „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик, согласно овој закон“.
И покрај тоа што претседателот Ѓорѓе Иванов одби да го потпише указот, па законот е објавен без негово одборение.
Од ЈП „Службен весник“ велат дека објавите се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од осум дена од денот на нивното донесување).
-Согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска, стои во соопштението од „Службен весник“
Како што додаваат од таму, за секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ ќе биде поведена соодветна судска постапка.