Рускиот амбасадор во Црна Гора Владислав Маслеников за Спутник потврди дека Подгорица го забранила летот на руски владини авиони низ црногорскиот воздушен простор пред најавената посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија.
„Потврдуваме дека Подгорица одби прелет на авионите на руската влада преку црногорскиот воздушен простор“, рече Маслеников.
Претходно руската амбасадорка во Софија Елеонора Митрофанова потврди дека Бугарија одбила да обезбеди воздушен коридор за рускиот владин авион.
„Можам да потврдам дека бугарските власти не дадоа дозвола за прелетување на авионот со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој треба да патува во Србија преку воздушниот простор на нашата земја“, рече Митрофанова.
Заедно со овие две држави, прелет на рускиот државен авион е одбиен и од Серена Македонија.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека претседателот на државата Александар Вучиќ бил принуден лично да се занимава со логистиката на посетата на шефот на руската дипломатија на Србија, најавена за 6 и 7 јуни.
Таа додаде дека ставот на официјален Белград дополнително се усложнува со тоа што се очекува германскиот канцелар Олаф Шолц да ја посети Србија на 10 јуни, а моментот во надворешната политика е таков што „никој не сака да разговара со никого, а уште помалку да слуша други“.
Во понеделник во 10 часот е планирана средба на амбасадорот на Русија во Србија, Александар Боцан Харченко и претседателот Александар Вучиќ, кој исто така претходно изјави дека ситуацијата околу посетата на Сергеј Лавров на Белград станува се покомплицирана.
Во понеделник во 19.30 часот, претседателот на Србија ќе се обрати до граѓаните по ова прашање.
Во петокот портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, најави дека шефот на руската дипломатија ќе ја посети Србија на 6 и 7 јуни.
За време на посетата предвидена е средба со претседателот на Србија, шефот на српската дипломатија и претседателот на Народното собрание.
Според Захарова, планирано е детално да се разговара за прашањата за билатералната политичка и економска соработка, размена на мислења за состојбите на Балканот, како и за меѓународни прашања.