Македонец починал од маларија во Африка, уште тројца се вратиле заразени

Сподели со своите пријатели

Четворица македонски државјани кои годинава биле во Африка се вратиле со маларија. Болеста им била дијагностицирана на Клиниката за инфективни болести. Еден од нив починал бидејќи бил во тешка состојба и додека престојувал во Сиера Леоне, не примал никаква терапија против ова тропско заболување што го пренесуваат комарци. Епидемиолозите велат дека постојано имаат по еден до два импортирани случаи.

Но во изминатиот период бројот се зголемува поради поголемата меѓународна раздвиженост како и одењето на македонски работници во афричките земји. Под ризик се сите оние кои не примаат антималарична терапија пред заминувањето и за време на престојот.

Обично фирмите кои ги ангажираат им кажуваат дека се потребни антималарици. Но при разговорот што го правиме со нив на Инфективна, тие не ја примаат терапијата и се изложуваат на опасност од зараза не само со маларија туку и други тропски болести што ги шират комарците. Мора да се заштитат сите кои одат на сафари, на работа или шетање по афричките земји, вели др. Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ

Епидемиолозите предупредуваат дека секој патник кој има треска и се враќа од некоја афричка земја задолжително да побара лекарска помош. Во Македонија ширењето на маларијата е искоренето уште пред 40 години, но надлежните работат и на спречување на импортираните случаи.

Ако и за време на престојот има некакви симптоми постојано да биде во контакт со матичниот лекар. Ние кај нас немаме автохтона трансмисија и за тоа земјата има и сертификат од СЗО. Една од превентивните мерки е прскањето против комарци за да се уништат ларввите, вели Караџовски

Лани во светски рамки биле регистрирани над 200 милиони на нови случаи а повеќе од 400 000 луѓе умреле од маларија.

Покрај маларија, епидемиолозите од Институтот за јавно здравје на својот сајт имаат и препораки и совети до населението за заштита од зика и денга, доколку патуваат во ризичните земји.