Литванија ќе ги следи советите на Европската комисија и ќе овозможи транзит на санкционирана руска стока по железница преку нејзината територија до регионот Калининград, енклава отсечена од татковината Русија, соопшти литванското Министерство за надворешни работи.
Министерството во соопштението наведува и дека претходните трговски правила, според кои беше блокиран транспортот на стоки под санкции, „биле поприфатливи“, пренесува Ројтерс.
Литванија верува дека правилата за транзит до Калининград можат да создадат „неоправдан впечаток дека трансатлантската заедница го омекнува својот став и позиција кон Русија“.
Комисијата претходно оцени дека не треба да има „никаква забрана“ за транзит на стока по железница меѓу руската енклава Калининград и остатокот од Русија, со исклучок на воената опрема, а повика на „целна и пропорционална“ контрола.
Брисел ги прецизираше прописите што земјите-членки на ЕУ можат да ги применуваат во рамките на санкциите поврзани со војната во Украина.
Европските насоки потврдуваат дека не е дозволен патен транзит на руски превозници на стока под санкции, но дека нема слична забрана за железнички транспорт, појаснуваат од Комисијата.
Калининград е „свето место“ за Москва
Регионот Калининград, кој граничи со Литванија и Полска, членки и на ЕУ и на НАТО, и зависи од патниот и железничкиот транспорт на повеќето стоки преку Литванија, е отсечен од својата мајка Русија од 17 јуни поради санкциите воведени од Брисел.
Стоките што спаѓаат во хуманитарната категорија и добрата од витално значење, како што е храната, се изземени од санкциите на ЕУ.
Европските претставници, со поддршка на Германија, се обидоа да постигнат компромис за калининградското прашање на крајот на јуни, но според извори на Ројтерс, Литванија имала сериозни резерви за секое решение што може да се протолкува како отстапка за Москва.
„Мораме да се соочиме со реалноста, Путин има поголема предност од нас. Во наш интерес е да најдеме компромис“, рече еден од изворите, барајќи анонимност, додавајќи дека Калининград е „свет“ за Москва и дека исходот од договорот најверојатно ќе изгледа неправеден.
Едно од решенијата што беше спомнато беше дека сообраќајот меѓу Русија и Калининград не се смета за меѓународна трговија бидејќи е руска територија и по тој основ треба да биде изземен од санкции, но потоа стоката да не се извезува, туку да се користи исклучиво во таа руска ексклава.
Според сегашните санкции, на Русија и е забрането преку членките на Унијата да транспортира железо, челик и метал во Калининград, а на тој список во понеделник се најдоа цементот и алкохолот, додека во август ќе биде забранет јагленот, а во декември нафтените деривати.
Затоа, во последната фаза, приближно половина од товарот наменет за Калининград ќе биде на списокот со санкции.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.