Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин денеска разменија писма во кои дадоа ветувања за развојот на односите меѓу двете земји, кои севернокорејскиот претседател ги нарече „долгорочни стратешки односи“, објави државниот медиум КЦНА.
Писмата беа разменети по повод 78-годишнината од ослободувањето на Кореја од јапонската колонијална власт од 1910 до 1945 година, што се слави и како национален празник во Јужна Кореја.
Во пораката до Ким, Путин истакна дека е сигурен оти соработката меѓу двете земји ќе продолжи да се развива на сите полиња во корист на двата народи и безбедноста на Корејскиот полуостров и на цела североисточна Азија.
Во писмото до Путин, Ким истакна дека пријателството меѓу Русија и Северна Кореја е воспоставено во Втората светска војна со победата над Јапонија и дека сега, како што наведе, е непобедливо и моќно во борбата против империјалистите и хегемонијата, објави Ројтерс.
Ким изрази уверување дека пријателството и солидарноста меѓу двете земји ќе продолжи да се развива како стратешки однос во согласност со барањата на новата ера.
Ким, исто така, изрази уверување дека Русија и Северна Кореја секогаш ќе излезат како победници, силно поддржувајќи и соработувајќи една со друга.
САД ја обвинија Северна Кореја дека ѝ испраќа оружје на Русија по почетокот на војната во Украина.
Русија и Северна Кореја ги отфрлија ваквите обвинувања.
Лидерите на Јужна Кореја, САД и Јапонија треба да разговараат за безбедносната соработка во однос на Северна Кореја и Украина и други прашања на трилатералниот самит на 18 август во Кемп Дејвид во американската сојузна држава Мериленд.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.