Либискиот суд осуди на смрт 17 поранешни членови на Исламската држава

Сподели со своите пријатели

Либискиот суд осуди на смрт 17 поранешни членови на Исламската држава (ИД), соопшти денеска либиското обвинителство.

Loading...

Во соопштението се наведува дека смртните казни се изречени за осудените за учество во убиство на 53 лица во западниот либиски град Сабрата и уништување на јавен имот.

Обвинителството соопшти дека уште 16 милитанти се осудени на затворски казни, од кои двајца на доживотен затвор, пренесува Танјуг.

Судот не прецизираше кога ќе бидат извршени казните, пренесе АП.

Либија останува поделена меѓу две ривалски администрации по години граѓанска војна.

Поделбата меѓу властите во главниот град Триполи и во источна Либија доведе до колапс на владините институции и служби и широко распространето беззаконие, потсетува американската агенција.

Исламските екстремисти ги проширија своите операции во Либија по бунтот во 2011 година со кој беше соборен и подоцна убиен долгогодишниот претседател Моамер ел Гадафи.

Исламската држава беше протерана во 2016 година од своето главно упориште, крајбрежниот град Сирт, и се пресели во внатрешноста на земјата, а присутна е и во Сабрата, недалеку од границата со Тунис.

Loading...

Во февруари 2016 година, САД извршија воздушен напад врз камп за обука на ИД во близина на Сабрата, кога беа убиени најмалку 40 милитанти, потсетува АП.