Кумановски „Водовод“ остана без струја

Сподели со своите пријатели

Јавното претпријатие „Водовод“ кое со вода го снабдува градот Куманово од вчера нема струја во дел од виталните објекти за нормално функционирање.

Loading...

Денеска преку соопштение до јавноста, велат дека нема зголемена потрошувачка на вода, туку дека цената на струјата е зголемена за 500% со што не можат да постигнат континуитет во плаќање на истата.

Целосната реакција на менаџментот на ЈП „Водовод“ ви ја пренесуваме интегрално во продолжение:

ЈП „Водовод“- Куманово ги известува граѓаните на Општина Куманово дека на ден 18.8.2022 година од напојување со електрична енергија беа исклучени објекти од значење за нормално функционирање на ЈП „Водовод“- Куманово.

До ова дојде од причина што стана невозможно да бидат навремено плаќани обврските за електрична енергија која ЈП „Водовод“- Куманово нужно ја троши за навремено и квалитетно снабдување со вода за пиење и одведување и прочистување на отпадните води за потребите на граѓаните.

Како јавно претпријатие кое првенствено одговара пред Вас граѓаните, Ве известуваме дека ваквата состојба се должи, исклучиво, на енормното зголемување на цената на електричната енергија за преку 500 посто која согласно закон мораме да ја набавуваме на слободен пазар.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Над 1.100 ученици во Куманово бесплатно пливаат на затворениот Градски базен (ФОТО)

Количеството на електрична енергија што ЈП „Водовод“- Куманово ја троши е идентично со потрошувачката во изминатите неколку години, меѓутоа додека за првите седум месеци од 2021 година за потрошеното количество на електрична енергија сметките изнесуваа 8,5 милиони денари, за потрошено исто количество електрична енергија во првите седум месеци од 2022 година сметките се во износ од над 40,5 милиони денари, а само за изминатиот месец, месец јули, сметката на ЈП „Водовод“- Куманово за потрошена електрична енергија изнесува 8,9 милони денари што е за 9 пати поголем износ од истиот месец 2021 година.

Со цел посветено вршење на нашата дејност, во услови на енормното зголемување на цената на електрична енергија, од почетокот на годината извршивме низа прилагодувања и кратења на нашите расходи што овозможи во првите седум месеци да исплатиме повеќе од 14 милиони денари за потрошена електрична енергија, односно повеќе од вкупниот износ кој го имаме платено за електрична енергија за целата 2021 година. Овој финансиски резултат е испорачан и покрај блокадата на нашите сметки под која функционираме од 2013 година до денес.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Сите сплотени да продолжиме да чекориме по патот на нашите револуционери

На овој начин во целост е искористен нашиот потенцијал за плаќање на електрична енергија, без, при тоа, да биде загрозена целокупната дејност. Дополнително Ве известуваме дека за целиот период навремено се намируваат обврските спрема сите други добавувачи и уште еднаш потенцираме дека нема да дозволиме да биде загрозено испорачувањето на квалитетна вода за пиење до Вашите домови.

Ве известуваме дека од наша страна директно, како и преку здружението на јавни комунални претпријатија „АДКОМ“, навремено алармиравме за овој проблем, како до ресорните министерства, така и до Владата на Република Северна Македонија. Настанувањето на овој проблем беше очигледно уште од јануарската сметка за електрична енергија за 2022 година кога ни беше фактуриран седум пати поголем износ од сметката за јануари 2021 година, за потрошено исто количество  електрична енергија. До овој ден нема никаква реакција на нашите апели и укажувања.

Би сакале да истакнеме дека електричната енергија која ја троши ЈП „Водовод“-Куманово е првенствено за потребите на фабриката за преработка на вода, пречистителната станица за отпадни води и пумпните станици, додека административната зграда троши помалку од 100.000,оо денари месечно. Ова значи дека сите прекини на електрична енергија до ЈП „Водовод“- Куманово значително го отежнуваат нашето редовно функционирање, како и ја зголемуваат опасноста од еколошка катастрофа при пречистувањето на отпадните води.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Утре без струја поголем дел од Куманово и околината

Сите наши корисници и сите граѓани на Општина Куманово ги уверуваме дека како и во минатото, така и во иднина, ќе ги употребиме сите можности со цел непрекинато и квалитетно снабдување со вода за пиење и одведување и пречистување на отпадни води. Во оваа прилика Ве известуваме дека веќе е изработен идеен проект за производство на електрична енергија од фотоволтаици кои ќе бидат поставени на 5 локации на земјиште во сопственост на ЈП „Водовод“- Куманово кој се надеваме ќе биде реализиран што поскоро, стои во соопштението.