Кумановски џез-фестивал утревечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“

Сподели со своите пријатели

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово утревечер од 20 часот ќе се одржи џез-фестивал во организација на Институтот за наука, уметност, култура и спорт, со поддршка на Министерството за култура.

Кумановци по неколку години повторно ќе имаат можност да уживаат во џез-музиката. Пред кумановската публика ќе настапи составот МС-бенд, кој свири музика на светот, софт-џез и етно-џез, потоа составот „Филип Стевановски бенд“, кој има издадено пет албуми, и Владимир Четкар кој од меѓународните критичари е прогласен за едно од најветувачките имиња во жанрот на џез, фанк и соул музиката. Од неговата родна Македонија во Европа преку Колеџот за музика Беркли во Бостон до Њујорк, овој мултиталентиран уметник достигна висок музички авторитет и се појавува како еден од најуспешните  уметници на музичката сцена на Њујорк.

– Од аспект на музиката во Куманово се почувствува потреба од одржување ваков настан. Идејата за организацијата потекнува од објективната потреба за излез од секојдневните музички форми при што Институтот за наука, уметност, култура и спорт Куманово се одлучи за преземање на организаијата на џез-фестивалот, со цел тој да се одржува секоја година и да прерасне во традиција, изјави Марјан Стевановски, директор на  фестивалот.

Организаторите најавија дека е планирано Куманово џез-фестивал 2017 да се одржи една вечер.

– При изборот на музичките состави кои ќе настапат, пред се, тргнавме од популарната џез-музика. Затоа и изборот на музиката кои ја интерпретираат составите е карактеристичен и прифатлив за секого, рече Стевановски, кој најави присуство на љубители на џез-музиката и од други градови од државата.

Билетите за фестивалот  веќе  се пуштени во продажба по симболична цена од 100 денари.

Извор: МИА

Loading...

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.