Кумановската касарна шест години ќе биде домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа

Сподели со своите пријатели

Од крајот на годинава па во следните шест, кумановската касарна „Боро Менков“ ќе биде дом за 42 воени лица од Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), чие седиште ќе биде преместено од Грција.

Loading...

За таа цел, како што појаснија од Министерството за одбрана за Кумановски Муабети, ќе се изврши реконструкцијата и пренамената на објектот број 9 во кумановската касарна, за што ќе бидат потрошени 47,8 милиони денари, или околу 780 илјади евра.

– Објектот бр.9 во касарната „Боро Менков“ во Куманово е наменет токму за сместување на командата на оваа Бригада со персонал од околу 42 воени лица/старешини од земјите членки: Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција, велат од Секторот за комуникации, аналитика и оперативна поддршка при Министерството за одбрана.

Со договорот, склучен на 6ти декември минатата година, ќе се изврши реконструкција и адаптација на споменатиот објект, по што истиот треба да ги исполни стандардите и потребите за непречено функционирање на Командата SEEBRIG.

Од Министерството, велат дека добиената вредност на тендерот е за 10 отсто пониска од проценетата вредност на основниот проект. Договорот предвидува целосна реконструкција и опремување на објектот (градежен дел, машински дел, електро – инсталации, водовод и канализација).

По периодот 2020 – 2026 година, објектот ќе продолжи да се користи од единиците на Армијата на Република Северна Македонија.

Преместувањето на Командата, како што појаснуваат надлежните, е доказ дека земјата активно допринесува кон една од најважните регионални иницијативи заедно со Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.

– Со ова се потврдува нашиот проактивен став по однос на регионалната соработка и добрососедство, а воедно ќе имаме голема можност за промоција на традицијата, културата и мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија. Улогата на домаќин на Командата на SEEBRIG претставува дополнителен доказ за постигнатиот степен на интероперабилност на нашата Армија со останатите армии членки на Бригадата, а со тоа и нашата подготвеност да обезбедиме успешно функционирање на ваква мултинационална единица.  Фактот дека Република Северна Македонија ќе биде домаќин на Командата на мултинационална бригада, почнувајќи од годината кога државата станува членка на НАТО, е уште еден доказ дека нашата Армија е рамноправен партнер со многу поголемите армии во НАТО. Воедно тоа подразбира дека може соодветно да одговори на модерните безбедносни предизвици, стои во писмениот одговор од Министерството за одбрана.

Loading...

Македонија како земја домаќин на Команда на мултинационална единициа ќе биде застапена со повеќе припадници на Армијата во рамките на SEEBRIG.

Учеството со персонал во вакви меѓународни штабови и институции, според надлежните, е двигател на градење и унапредување на севкупните оперативни способности и распоредливи сили на Армијата, како и зголемување на интероперативноста со армиите на земјите членки на НАТО.

– Во рамките на реализацијата на секојдневните обврски и извежбувања на Штабот и единиците на SEEBRIG ќе се отворат можности за промовирање на вежбовните капацитети и полигони за обука на Република Северна Македонија на регионално ниво, додаваат од Министерството за одбрана.

SEEBRIG, како што појаснуваат надлежните, претставува најзначаен и најкомплексен проект во регионалната Иницијатива за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM). Формирана е во 1999 година со потпишување на Договор од страна на министрите за одбрана на 26 септември 1998 во Скопје.

Leave a Reply