Кумановската болница со сопствени средства набави апарати за физикалното одделение

Сподели со своите пријатели

Општа Болница Куманово одвои 1,5 милиони денари, сопствени средства за набавка на десет нови апарати за физикална терапија, со кои пациентите ќе ја добијат потребната електротерапија на еден апарат, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа. Апаратите веќе се ставени во функција, така што пациентите нема да имаат потреба да одат од една во друга просторија на одделението за физикална терапија.

– Не е голема инвестиција, но сепак е многу значајна за пациентите. Ако претходно истата терапија ја добивале на четири до пет апарати и затоа морале да одат од просторија во просторија, сега истата терaпија ќе ја добиваат на еден апарат, со што побрзо ја добиваат потребната терапија, изјави директорката на болницата, Снежана Зaхариева.

Бенефит од новата опрема ќе почуствуваат и пациентите и вработените на одделението за физикална терапија. Стручните лекари објаснуваат дека апаратите се мултифункционални, во нив се опфатени сите струи кои се употребуваат во физикалната медицина, галванска, дијадинамски струи, електростимулација, електрофореза, интерферентни струи.

– Преку овие апарати добиваме и тенс, така што нема да има потреба да набавуваме тенс апарати, тие средства ќе се пренаменат за ултразвучни апарати со кои комплетно ќе се заокружат сите процедури. Со едно влегување во просторијата се завршуваат елктротерапиите од 20 до 60 минути, во зависност од процедурите, изјави началникот на одделението Славчо Филиповски, специјалист по физикална терапија.

Захариева, информираше дека со сопствени средства во висина од два милиони денари обезбеден е апарат, потребен за операција на катаракта со што пациентите од регионот нема да имаат потреба да одат во Скопје за оваа процедура. За набавената апаратура, додава, обезбедено е и сервисирање со што се постигнува безбедност, а воедно се отвара и опцијата за организирaње термини за терапија, покрај терминот за преглед.

Извор: МИА

Loading...