Почна поставувањето на опремата за лизгалиште во Куманово, во близина на комплексот на градски базени, непосредно до останатите спортски игралишта и до паркот.
Опремата е доставена од Агенцијата за млади и спорт и откако ќе биде монтирана со лизгалиштето ќе стопанисува јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, најави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
– Ќе се плаќа симболичен износ за користење за подмирување на сметките за електрична енергија, за ангажирање на вработени. Ќе биде убава содржина до спортскиот комплекс, отворен за граѓаните- изјави Димитриевски.
Според најавите се очекува лизгалиштето да почне со работа на почетокот на идната година .
Кон крајот на летово, Секторот за комунални дејности од општина Куманово достави предлог локација до Агенцијата за млади и спорт за поставување монтажно лизгалиште во Куманово. Претходно, Владата на седница ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да обезбеди 14 милиони денари за изнајмување на седум монтажни спортски игралишта во општините Куманово, Струмица, Охрид, Битола, Центар, Гостивар и Тетово.
Претходно, Куманово во 2011 и 2012 година изнајмуваше урбана опрема за лизгалиште од приватна компанија од Белград, Р.Србија која беше сместена на градскиот кеј.