Кумановец, тетовец и гостиварец ќе играат на Европското фудбалско првенство

Сподели со своите пријатели

Во сабота три часа после пладне, на стадионот Болар-Делеи во Ленс ќе се игра вториот меч од ЕП меѓу Албанија и Швајцарија. Од 22-ца на теренот, хипотетички е можно само тројца да се родени во земјата за која играат, пишува порталот off.net.mk.

Албанците кои на Европско се пласираа со триумфот во последниот меч против Ерменија во Ереван, имаат голема дијаспора во Европа и се рекордери по бројот на играчи кои ќе учествуваат на шампионатот во Франција, а се родени надвор од својата земја.

Овој податок и не е необичен, ако се знае колку Албанци живеат или живееле во земјите од поранешна СФРЈ, но голем дел од репрезентативците на Албанија доаѓаат и од Западна Европа каде нивните родители, баби и дедовци мигрирале пред пет децении.

Во случајов, 12 од 23 репрезентативци на Албанија се родени во странство, надвор од границите на нашиот западен сосед. Девет фудбалери на Швајцарија, пак, се родени надвор од оваа алпска земја.

Позанимлив е податокот што на двете страни, еден против друг ќе играат родени браќа – постариот Тауланд Џака одбра да игра за Албанија, иако во Швајцарија е пораснат и настапуваше за сите младински категории на оваа земја, а помладиот Гранит Џака кој неодамна премина во Арсенал реши да игра за Швајцарците. И Тауланд и Гранит се родени во Базел и се жив пример колку миграцијата во Европа после Втората Светска војна ги избриша границите во спортот.

И не е само Гранит кој одлучи да игра за Албанија. Родени во Швајцарија, а играат за матичната земја уште и Амир Абраши, Шкељзен Гаши, Мигљен Баша, Фреди Весели и Арлинд Ајети. Четворица Албанци се родени во Приштина (голманот Ертрит Бериша и капитенот Лорик Цана), Гњилане (Емир Лењани), Ѓаковица (Бурим Кукели) и Кумановецот Насер Алију.

Ништо помалку „шарен“ состав немаат ниту Швајцарците кои имаат дури осум фудбалери кои се родени во далечните егзотични земји (Заир, Конго, Зеленортски Острови, Камерун) но и многу играчи со албански корени со потекло од регионов – Ѓердан Шаќири, најдобриот нивен фудбалер е роден во Гњилане, Валон Бехрами во Косовска Митровица, Блерим Џемаили (Боговиње, Тетово) и Адмир Мехмеди (Гостивар).

Што се однесува до репрезентацијата на Македонија која се надеваме ќе дочекаме да ја видиме на едно големо натпреварување, има повеќе фудбалери кои се родени надвор од земјава. Како на пример: Леонард Жута, Давид Митов Нилсен (Шведска), Александар Тодоровски (Србија), Даниел Ѓеоргиевски (Австралија), Александар Дамчевски (Франција), Аријан Адеми, Бесарт Абдурахими (Хрватска).

Извор: off.net.mk