Пет пожари вчера низ кумановско изгаснале пожарникарите, а во еден од нив била опожарена и куќа.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, во населбата Карпош на улицата „150“ била запалена бандера и куќа. Тројца пожарникари интервенирале во период од 16:10 до 16:40 часот.
Во атарот на Агино село гореле сува трева и стрништа. Во период од 16:45 до 17:25 часот интервенирале тројца пожарникари, а во гаснењето се вклучиле и мештаните.
Сува трева и стрништа гореле и во селото Табановце. Таму во период од 16:13 до 21:35 часот интервенирале седум пожарникари со три противпожарни возила.
Во селото Четирце гореле сува трева и стрништа во период од 17:10 до 18:10 часот. Тројца пожарникари интервенирале на терен.
Во липковско Ваксинце исто така гореле сува трева и стрништа. Во период од 17:40 до 19:40 часот на терен интервенирале петмина пожарникари со две противпожарни возила.
Поголемиот дел од селата во кумановско вчера беа без електрична енергија, како што велат од ЕВН, поради превентивни причини при гаснење на пожарите.
Никола Ивановски