Ковачевски: Македонија и Албанија имаат исполнети услови за преговори

Сподели со своите пријатели

„Македонските граѓани не можат да бидат заложници на самитите на ЕУ, дали ќе има датум или нема да има датум и Република Северна Македонија и Албанија да бидат заложници само од една земја членка на ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски на новинарско прашање на прес-конференцијата со канцеларот Шолц во рамките на неговата официјална посета на нашата земја, и додаде дека подгревање на очекувања како што беше во минатото за тоа што ќе се случи на некој самит веќе не зависи од нас, туку исклучиво од 27 земји членки кои треба да се усогласат и да донесат одлука за отпочнување на првата меѓувладина конференција.

Loading...

„Северна Македонија има направено сѐ за отпочнување на првата меѓувладина конференција. 45 проценти од нашето законодавство е веќе усогласено со законодавството на ЕУ и доколку ги споредиме усогласувањата по поглавја тогаш многу јасно се гледа од извештаите на Европските институции дека Република Северна Македонија има усогласеност поголема во одредени поглавја и од држави кои што 10 и повеќе години преговараат со ЕУ. Што значи дека доколку се работи за систем базиран на заслуги при пристапување во ЕУ, Северна Македонија 100 процентно заслужува прва меѓувладина конференција“, нагласи Ковачевски.

Премиерот Ковачевски додаде дека Северна Македонија ги води преговорите со Бугарија на принципиелна основа, на база на европски вредности и врз основа на одредбите од резолуцијата којашто е донесена во нашето Собрание.

„Постои една голема разлика помеѓу нас и Бугарија. Ова прашање за нас беше прашање заради отпочнување на преговори со ЕУ и ние во ниту еден момент ова прашање, како Влада и како владејачка коалиција, не го инструментализиравме и не го политизиравме заради дневни политички поени или водење на внатрешна политика во државата. Сосема спротивно на тоа во Бугарија ова прашање беше издигнато на ниво на внатрешна политика и беше инструментализирано и политизирано“, посочи Ковачевски и додаде дека сега засега не постои единствен, усогласен и взаемно прифатен документ како резултат на разговорите на двете министерства за надворешни работи во Скопје и Софија.