Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, презентиран кандидатот за градоначалник и листата на советници

Сподели со своите пријатели

Комплетно инфраструктурно уредување „Куманово без кал“, изградба на рекреативен центар во Проевце, изградба на три детски градинки, решавање на проблемот со водоснабдувањето, се дел од проектите кои ги презентираше на денешната конвенција, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Куманово, Зоран Ѓорѓиевски во Центарот за култура. На конвенцијата пред кумановската јавност беа промовирани и носителот на листата и 33-та кандидати за советници од Коалцијата „За подобра Македонија“.

Ѓорѓиевски вети дека наредните четири години ќе го реализира проектот „Куманово без кал“. – Тоа подразбира решавање на комплетната, нереализирана инфраструктура, водоводна и канализациона во сите делови на градот, приградските населби и руралните средини, асфалтирање на сите улички во градот во текот на наредните четири години, рече Ѓорѓиевски.

Истакна дека Куманово располага со буџет и оти за проектот „Куманово без кал“ ќе бидат потрошени десет проценти, односно 10 милиони евра пари за четиригодишно уредување.

Подобрување на водоснабдувањето е опфатено во програмата на канидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ со активирање на „тутунскиот вод“ и со градење на нови бунари. Изградба на нов рекреативен парк со мултифункционални игралишта, пешачки, велосипедски патеки „Студена вода“, места за забава и рекреација за сите граѓани.

Ѓорѓиевски најави решавање на сообраќајниот метеж со уредување на влезот на градот и кружници долж булвеарите во Куманово.

– Ние ветуваме детски градинки во населбите „Карпош“, „Перо Чичо“, во „11 Ноември“, бидејќи има реална потреба за најмалдите да ги понудиме овие решенија, рече Ѓорѓиевски.

Тој вети изградба на повеќенаменски спортски игралишта во повеќе села во кумановско, изградба на нов зелен пазар во „Гоце Делчев“ и формирање канцеларија за инвеститори, за сограѓаните кои работат надвор од државата, со цел, намалување на невработеноста.

Пред кумановци се обрати и носителот на листата, Драган Петковски, кој рече дека листата е различна има кандидати од различна националност, пол, како што е Куманово, но дека се луѓе кои се докажани во своите професии и млади и перспективни. – Спој на искуство и младост, докажан рецепт за просперитет, додаде Петковски.

Пред присутните во салата се обрати Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски кој рече дека овие се изборите кога граѓаните треба да им кажет каде и во каква насока ќе се движи оваа држава. Ја обвини сегашната власт за пад на економијата, а раст на невработеноста и како што рече лошиот однос кон инвеститорите.

На конвенцијата зборуваа и кандидатите за советници од коалицијата, Тони Трајковски од МААК, Марија Цакиќ од ГРОМ, Срѓан Рушити од Сојузот на Ромите, Саша Николиќ од ДПСМ и Борислав Додевски од СПМ, кои побараа поддршка од граѓаните на Куманово.

Извор: МИА

Loading...