КОМИТЕТ: Ничија земја, узурпирана од политички партии

Сподели со своите пријатели

Комитет на хартија е сопственост на Република Македонија, без документација препуштена на Општина Куманово, а во реалноста всушност е ничија земја која е узурпирана.

Вака може да се опиште старата зграда на некогашен Комитет во Куманово, која делува како споменик на поранешната СФРЈ.

Историја на поранешен Комитет

Зградата позната меѓу кумановци како Комитет е изградена во 1976 година. Тоа всушност била зграда на стручни служби на самоуправни интересни заедници.

Изградена е со заеднички средства на Општинскиот одбор на Сојуз на комунисти на Македонија од Куманово, Општинска синдикална организација, Собрание на Општина Куманово и Општинската организација на Сојуз на борци од НОБ.

Во изградбата со тогашни 250 милиони динари учествувале и стопанските работни организации од градот.

Организациите кои ја граделе подоцна покренале и судска постапка за утрврдување права на сопственост. Но, во меѓувреме објектот бил запишан како сопственост на државата и постапката никогаш не била завршена.

Зградата на Комитет денес

Денес зградата на Комитет е на државата, но во реалноста е ничија земја. Владата пред скоро две децении донела одлука со која се дава на користење на Општина Куманово. Сепак според градоначалникот Максим Димитриевски таков документ никаде не постои.

– Општина Куманво нема владеење врз овој објект. Кога некој ви го доделува носи одлука и ви го предава, тогаш се потпишува прием на објектот. Така ги земавме сите поранешни спортски објекти. Дојдоа од Агенција за стопанисување со спортски објекти и потпишаа документ за примпредавање. Општината никогаш го нема задожено овој објект, нема таков документ, вели Димитриевски.

Зградата на Комитет узурпирана од политички партии

Дваесетина простории во зградата ги зграбиле првин политичките партии. Тие кирија не плаќаат никому.

Комитет денес е дом на најголемите политички партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПСМ, ЛДП, СПМ, ВМРО-НП…

Просториите на приземјето ги користат две кафулиња. Кога ќе влезете во зградата на самото приземје се просториите на Здружение на борци од НОБ. Но тие се тука од самото градење на Комитет.

На приземјето има и простории што ги користи библиотеката „Тане Георгиевски“ за чување стар фонд на книги.

Првиот кат го користат оние што навистина и би требало, општинските служби. Тука е сместена кружната сала каде се одржуваат седниците на Советот на Општина Куманово.

Тука е и голема свечена сала на општината, реновинара пред неколку години и мала просторија за техничките служби на Советот.

Но, тука се наоѓаат и штабовите на партиите ЛДП и ДПСМ. Простории на овој кат има и Североисточниот плански регион.

Вториот кат целосно е преземен од политички партии. Тука е штабот на СДСМ. Во самиот агол до скалите е и штабот на ВМРО – Народна, или она што некогаш било „ТВ Зора“.

Еден кат погоре се просториите на ВМРО-ДПМНЕ, НСДП и Социјалистичката партија на Македонија.

На последниот кат се наоѓа Здружението на стечајни работници „УНИТ“. Тука е и Сојузот на синдикати на Македонија (кои отсекогаш ја користеле зградата).

Поплавени скривници

Самата зграда е поврзана со скривници. Од комитет водат два тунели, од кои едниот кон ТЦ Сума, а вториот кон Стоковна куќа. Но, се претпоставува дека овие скривници се поплавени.

– Мислам дека истите простории според последни информации се поплавени целосно и дека се неупотребливи ниту се сопственост нечија, ниту некој има обврска да ги одржува, ниту некој се спуштил да види што таму се случува, вели градоначалникот.

Како е узурпирана зградата?

Според градоначалникот Максим Димитриевски сигурно некој од локалната самоуправа го „аминувал“ ова узурпирање.

– Ако ме прашате како, сигурно не без согласност на локална самоуправа. На крајот секако треба некој амин да даде локалната самоуправа. На ниту едно лице кое е сместено во овој објект јас како градоначалник му немам дадено било каква согалсност да биде тука, вели Димитриевски.

Општината, вели Димитриевски, сака да си го стави објектот под владение, оти тоа е идеален простор за општинска администрација.

– Овој простор е идеален тука да имаме општинска админситрација, на две места плаќаме кирија. Со реконструкција на овој објект може да направиме општински згради со кои може да ги задоволиме потребите на општината,. Да сместиме наши служби, но првенствно треба да се ослободи од узурпатори, порача градоначалникот.

Тој ги повика политичките партии сами да си излезат и објектот да го препуштат на општината,  оти во спротивно треба да се водат судски спорови кои се долги и скапи.

– Објектот никогаш не е ставен под владение на општината затоа што никој не сакал да доаѓа во конфронтација со политички субјекти. Замислете вие сте градоначалник на некој политички субјект и тој субјект треба да го иселите. Мене око не ми трепнува, веќе не сум член на ниту еден политички субјект, да ја спроведам оваа постапка, но да имаат и тие разбирање. Нека ги пренесат на општината таа им припаѓа на сите и еднаш засекогаш да ставиме крај на манипулациите за оваа зграда, рече Димитриевски.

Судски спорови

Освен што е покрената постапка на суд да се докаже кој е сопственик на овој огромен објект во строгиот центар на градот, во правен спорт влегла и општината.

Веќе три години е во тек постапка за иселување на авто – перална што се наоѓаше во подрумските простории.

– Ги добивме сите пресуди и кога требаше да добиеме клуч да влеземе во тие простории таа фирма е влезена во стечај. Стечајниот управник не сака да ни даде клуч, сака општината да ја доведе во соистојба да изврши противправно дело и ќе влезе во објектот и ќе прикаже дека општината ја оштетила, појснува Димитриевски.

Градоначалникот вели дека нема ништо против ако објектот се стави во владение на општината, партиите да си ги задржат просториите, но за тоа да си платат кирија.

Зградата има сериозен проблем, смета Димитриевски, кој додава оти не е сигурен дека истата е безбедна целосно за користење.

Општината можела да заработува од објектот

Според Валентина Младеновска, член на Советот на Општина Куманово, локалната самоуправа губела околу 183.000 евра годишно од тоа што никој не плаќал кирија.

– Во овој прсотор има околу 3.000 квадрати заедно со подрумот. Ако ставиме цена по 5 евра по 20 метри квадратни е 100 евра, ако ставиме 3.000 квадрати тоа се 15.000 евра. Ако општината го издава, тоа се околу 183 илјади евра на годишно ниво кои општината ги губела низ годините затоа што не земала пари од диво вселени правни субјекти, политички партии, смета Младеновска.

Според Димитриевски партиите треба сами да си ги напуштат просториите, оти правна битка со над 20 субјекти ќе биде невозможно да се добие.

– Сега општината да влезе во правна постпака со над 20 субјекти, и да заврши како со автопералната, тоа се 10 години водење постапки без реализација и на крајот со кого да излезете на крај? Со државата? Па таа не сака да се инволвира, партиите се државата, ја направија да биде државата во нинвна функција. Има желба од моја страна, ама јас не сум посилен од државата, партиите се суд, обвинителство, држава и се во државата, вели тој.

Димитриевски смета дека да било се чисто и регуларно со објектот, државата никогаш не би дозволила да се влезе во него, туку самата ќе го користела.

Скоро 50 години од изградбата

Педесет години откако оваа зграда е направена, денеска се кршат копјата за нејзина сопсвеност. Таа е атрактивна, со оглед дека е со огромна површина и во строгиот центар на градот.

Но, таа е во многу лоша состојба. Енергетски е неефикасна, во зима е премногу студено, а во лето премногу топло. Последната реконструкција е направена во 2015 година.

Со средства обезбедени преку СИПР тогаш беа сменети кровната конструкција на објектот, беше реновирана големата свечена сала и тоалетите на катот кој го користи Советот на Општина Куманово.

Никола Ивановски