Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе го освои главниот град Киев за три дена.
18 месеци подоцна, тоа сè уште не се случи, и покрај тоа што Кремљ потроши повеќе од 60 милијарди долари за војната, изјави за Гласот на Америка Гери Шмит од Институтот Ентерпрајз со седиште во Вашингтон.
„Сите гледаа колку пари Кремљ троши за руската армија и велеа дека ќе има големи способности“, се сеќава Шмит.
Експертот на Атлантскиот совет за стратегија и безбедност, Јан Бжежински, смета дека инвазијата на Украина била наменета да биде краткорочна воена кампања, но сега станала долготраен конфликт.
„Сега тие се во дефанзива. За жал, им беше дадено многу време да ги зацврстат рововите и да изградат мински полиња. Тоа не е борбена сила од светска класа, но таа сила е сепак голема“, смета Бжежински, син на Збигњев Бжежински, познатиот советник за национална безбедност на САД во ерата на Студената војна.
Во руската армија во моментов има околу милион војници.
Шмит смета дека поради загубите во Украина, и покрај мобилизацијата, големи делови од неа не се подготвени за борба.
„Порано беа сила во оклопните операции. Сепак, без комбинирани оперативни способности, потребната логистика и комбинирана употреба на воздушната моќ, тоа веќе не е случај“, вели Шмит.
Бжежински истакнува дека конфликтот во Грузија во август 2008 година ги разоткри слабостите во дисциплината, командата и структурата на руската армија,
„Тоа беше лошо. А Путин вети дека ќе ги промени работите и почна да спроведува план за модернизација на армијата во рок од 10 до 15 години“.
Москва ја започна транзицијата кон помодерна и покомпактна армија, со тактички баталјони по примерот на западните.
Но, Шмит нагласува дека и заради компромис, приоритет бил даден на квантитетот, а не на квалитетот на единиците, а военото раководство ги преувеличувало капацитетите да ги задоволи политичките лидери.
Според неговата оценка, реформите не биле толку ефективни.
„Поголемиот дел од парите не беа потрошени за подобрување на армијата, туку отидоа во џебовите на генералите и воените подизведувачи“, истакнува Шмит.
Русија сега се соочува со проблем со работна сила во Украина. Само зголемувањето на бројот на војници нема да помогне и нема да биде лесно, вели Филип Бридлав, пензиониран генерал на американските воздухопловни сили и командант на силите на НАТО во Европа од 2013 до 2016 година.
„Ако мислите дека Русија е завршена, се лажете. Има уште многу капацитет. Сепак, Путин би морал да вложи огромни политички напори за да продолжи да ги мобилизира силите и да прави некои од работите што би можеле да бидат потребни“, нагласува Бридлав.
Американски експерти за Гласот на Америка изјавија дека чекаат да видат како платениците од групата Вагнер ќе реагираат на смртта на лидерот Евгениј Пригожин, кој загина во авионска несреќа за која некои го обвинуваат Путин.