„Ракетата со крила“ е дизајнирана да лета со брзина од 7.000 милји на час (11.265 километри на час), а тестовите се очекува да започнат следната година. Научниците се надеваат дека хиперсоничниот авион ќе биде подготвен за лет до 2024 година, пишува The Sun.
Футуристичкиот авион го развива Space Transportation, која се надева дека ќе изврши целосен лет до крајот на деценијата. На видеото објавено од компанијата се гледа како авионот се одвојува од ракетното крило по полетувањето, пред да продолжи кон својата дестинација.
Во меѓувреме, крилото и засилувачите се враќаат на лансирната рампа. Кога ќе пристигне, авионот ќе слета со три нозе кои се отвораат одзади. Компанијата се пофали дека може да го поврзе Њујорк со главниот град на Кина за само еден час.
„Развиваме ракета со крила за брз транспорт од точка до точка, чија цена е пониска од ракетите што носат сателити и побрза од традиционалните авиони“, изјавија од компанијата за кинеските медиуми.
Планови за висока технологија
Хиперсоничните авиони се меѓу главните кинески планови за висока технологија, а земјата продолжува да инвестира големи суми пари и ресурси во секторот. Кон крајот на минатата година беа објавени планови за вселенски брод кој може да превезе десет луѓе насекаде на Земјата за еден час.
Прототипот има пар делта крила слични на оние на Конкорд дизајнирани од Французите и Британците, но со врвовите свртени нагоре. Предложениот хиперсоничен авион од 45 метри е поголем од Боинг 737 и има два мотори поставени на врвот на главното тело, објави South China Morning Post.
Комунистичкиот гигант развива и нуклеарен ракетен мотор со брзина од 9654 км на час, што наводно се базира на дизајн од кој НАСА се откажала поради високата цена.
Зачудени Американци
Американските разузнавачки и воени претставници, наводно, биле вчудоневидени минатото лето откако Кина лансираше ракета во вселената со хиперсонична едрилица која орбитира околу светот пред брзо да се упати кон својата дестинација.
Ракетата со нуклеарно оружје ја промаши целта за околу 32 километри откако беше тајно лансирана во август, изјавија разузнавачки извори за Фајненшл тајмс.
Space Transportation минатиот август објави дека собрала 34 милиони фунти за своите планови за хиперсонични вселенски летала. Компанијата неодамна спроведе серија тестови на своите возила „Tianking 1“ и „Tianking 2“.
Десеттиот тест за летање беше спроведен на 23 јануари, по што следеше уште едно тестирање во соработка со лабораторијата за согорување на Универзитетот Кингхуа во Пекинг.