Кина соопшти дека ќе испрати висок функционер во Саудиска Арабија на разговори овој викенд за да се најде мирно решение за војната во Украина, форум кој ја исклучува Русија.
Украинските и западните дипломати се надеваат дека на состанокот на советниците за национална безбедност и други високи функционери од околу 40 земји во Џеда ќе се договорат клучните принципи за идно мировно решение за ставање крај на руската војна во Украина.
Специјалниот претставник на Кина за евроазиски прашања Ли Хуи ќе ја посети Џеда на разговори, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
„Кина е подготвена да работи со меѓународната заедница за да продолжи да игра конструктивна улога во промовирањето политичко решение за кризата во Украина“, изјави портпаролот на кинеското Министерство Ванг Венбин.
Кина беше поканета на претходната рунда преговори во Копенхаген на крајот на јуни, но не присуствуваше.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева оти иницијативата ќе доведе до „мировен самит“ на светските лидери оваа есен, кои ќе ги поддржат принципите, засновани на неговата формула за решение од 10 точки.
Формулата на Зеленски вклучува почитување на територијалниот интегритет на Украина и повлекување на руските трупи.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.