КФСМ им се заблагодари на Куманово и Кумани за фер и спортско навивање

Сподели со своите пријатели

Кошаркарската федерација на Македонија им се заблагодари на Куманово и Кумани за фер и спортско навивање, истакнувајќи дека завршниот турнир од Купот на Македонија во машка конкуренција, кој од 13 до 15 февруари се одржа во Куманово, помина во одлична организациска и спортска атмосфера.

Во официјалното соопштение, Кошаркарска федерација на Македонија упати искрена благодарност до МКК Куманово, кој беше домаќин и организатор на турнирот, за професионалниот и одговорен пристап при реализацијата на овој значаен национален кошаркарски настан. Според федерацијата, натпреварите се одвивале на високо ниво, во амбиент достоен за престижот на Купот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Се чисти депонијата на мостот на река Кумановка (ВИДЕО)

Посебно признание беше упатено и до кумановската публика, како и до навивачката група Кумани.

– Посебна благодарност упатуваме и до граѓаните на Куманово, како и до навивачката група „Кумани“, кои со своето достоинствено, културно и спортско навивање дадоа значајна поддршка на својот клуб и придонесоа целокупната манифестација да помине во најдобар ред, во духот на фер-плејот и спортските вредности, стои во соопштението.

КФСМ воедно упати честитки до МЗТ Скопје Аеродром за освоениот трофеј во Купот на Македонија, како и до МКК Куманово за освоеното второ место и прикажаните квалитетни настапи на турнирот.

Од федерацијата нагласуваат дека по подолг временски период Купот на Македонија повторно бил организиран на високо спортско и организациско ниво, што претставува значаен чекор напред во напорите за унапредување и афирмација на македонската кошарка.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  25-годишник загина на патот Куманово – Крива Паланка, откако удрил куче скитник

На крајот, КФСМ порача дека останува посветена на понатамошниот развој на домашните натпреварувања и создавање услови за организација на спортски настани кои ќе бидат достојни на угледот и традицијата на македонската кошарка.

Никола Ивановски